Македонија
21. January 2019 - 12:47

Библиотека „Кочо Рацин“ во Кичево со нови правила во работењето

Секој граѓанин кој ќе се зачлени во библиотеката “Кочо Рацин” во Кичево ќе треба да плати членарина што ќе се однесува на период од една година, сметајќи од денот на зачленувањето.

Новите правила во библиотеката се неколку видови на зачленување, односно зачленување на едно лице 150 денари, за деца 100 денари, и семеен пакет за две лица 250 денари.

Директорот на НУЦК „Кочо Рацин“ Мазлам Османи објасни дека книгата може да се подигне само со членска карта до две книги, со рок на враќање 15 дена, но на барање на корисникот рокот може да се продолжи за уште 15 дена. При враќање на библиотечниот материјал се наплаќа амортизација по пет денари од примерок.

– Во случај на задоцнување се наплаќа задоцнина, поединечно за секоја книга, пет денари по примерок. Неизмерениот долг подолго од 60 дена програмски го спречува натамошното изнајмување се до измирување на долгот, за изгубената членска карта се плаќа 30 денари и за секое оштетување на библиотечниот материјал се плаќа надомест во согласност со правилникот на Библиотеката, додаде Османи.