Бегалка од Ирак стана кумановска снаа
Oткако на нејзиниот пат од Багдад кон Лондон, во бегалскиот камп Табановце ја пронашла љубовта на својот живот, Нура Аркавази (20) и покрај противењето на нејзините родители, одлучила да го продолжи животот со 14 години постариот полицаец Боби Додевски и да создаде семејство во Македонија.
Подготовките за свадбата која, најверојатно, ќе се одржи на 13 јули, роденденот на Нура се во тек, па двајцата, со многу емоции и возбуда, зборуваат за нивната љубов како од филм и веруваат дека ги споила судбината.
-Многу сум среќна што го запознав. Никогаш не размислував дека во животот ќе сретанам некого што толку ќе го сакам. Тој е мојот бог, - вели Нура и се присетува на 8-ми март, денот кога го сретнала Боби.
Кога го видов нешто ми го задржа погледот подолго од вообичаеното. А и тој возврати со ист поглед. Почна срцето посилно да ми чука и знаев дека нешто значајно да ми се случува. Бидејќи беше единствениот полицаец кој знаеше англиски, го замолив наредниот ден да го пушти моето семејство прво во редот да ја поминеме границата.
Тој ден српските полицајци не вратија, па останавме на граничната линија на отворено, на дожд и во кал. Ноќта беше ладна и кренав температура, дури 43. Тој беше покрај мене, ме однесе на лекар во кампот, а многу ми помогна и кога мајка ми колабираше. Ме освои таа негова несебичност и добрина. Иако сакав да ја напуштиме земјата, срцето ми велеше да не одам. Наредниот ден тргнеме кон границата, но јас молев бога да останеме. Кога полицајката од српска страна ни нареди да се вратиме назад, срцето ми заигра. Моите тажеа, а јас се радував што се враќам во кампот. Верувам во судбина и таа не спои - раскажува Нура, и не го трга погледот од нејзиниот сакан, кој трпеливо чека да дојде до збор.
На прв поглед се појави хемија. Таа поседува невидена внатрешна убавина. Ме освои нејзината чиста душа и срце. Се гледа кога човек прави нешто од интерес, а кога намерите му се искрени.Нашата љубов ги руши сите верски и национални предрасуди. Ние се сакаме, и тоа е најважно, се друго ќе се реши. Таа е комуникатива, ведра и весела личност, и неможе човек да не ја сака, - додава Боби.
Откако не успејале да продолжат кон зацртаната цел, петчленото семејство Аркавази било сместено во транзитниот центар Табановце. Таму Боби и Нура почнале почесто да се гледаат и да стануваат свесни дека тоа што се случува меѓу нив е повеќе од пријателство и симпатија. Младата Ирачанка со курдско потекло, поради тоа што знае 5 јазика, а одлично го владее англискиот, била ангажирана да работи во Црвениот крст на Табановце.Во меѓувреме, нејзиното семејство побарало азил во Македонија и заминало во центарот во Скопје. Далечината почнала да им пречи.
Беше 14 април, и ме покани да одиме во ресторан со ќерка му. Кога останавме сами, забележав дека многу е нервозен. Беше во тоалет неколку пати и пиеше многу вода. Незнаев што се случува и го прашав дали му е лошо. Нарачавме храна и почнавме да јадеме. Со чаша вино ми ја побара раката и ме праша дали ќе се омажам за него. Го прашав дали се задева со мене, а потоа почнав да плачам, и реков да. Не можев да поверувам. Мислев дека ваквите работи се случуваат само на филм, - вели младата девојка.
Не планирав таа вечер да ја побарам за жена,но ми наиде толку голем наплив на емоции, што неможев повеќе да чекам. Си реков, ќе ја прашам па што сака нека биде. Немав ни прстен. Кога ја прифати мојата понуда, тогаш сватив дека се испомешав и не испадна како што порано планирав. Наредниот ден купив прстени и го дадов на работа, и го дадов пред нејзините колеги. Неможам да ја опишам заедничката среќа, - се сеќава Боби.
Спонтана и мила, младата невеста, со задоволство и воодушевување зборува за односот на Македонсците кон неа. Вели дека досега не видела толку срдечни луѓе и затоа се чувствува како дома, бидејќи сите се многу пријателски расположени и сакаат да помогнат.
Македонија и Македонците имаат посебно место во моето срце. Како бегалци, поминавме голгота низ земјите низ кои поминувавме. Во Турција беше многу тешко самото патување затоа што сме Курди, во Грција не третираа како бегалци, а овде од Гевгелија до Куманово, воопшто, во ниту еден момент не се чувствував како странец. Сите ни помагаа, екипата на Црвен крст ме гледше како сестра и секогаш беа тука за мене и моето семјство.Тоа беше и пресудно да се чувствувам сигурна и да одлучам да останам, - вели Нура.
За да увери во својата љубов, полицаецот го истетовирал името на Нора на левата подлактица, а и таа планира да го стори истотои.
Боби зад себе има два неуспешни брака и три деца. Мајка му, неговите деца, роднини и пријатели одлично ја прифатиле младата невеста, и со неа се дружат кога Боби е на работа. Неговата најстара ќерка ќе биде деверица на свадбата, и постојано и помага околу изборот на детали за семејната веселба.
Боби, на шега, вели дека сватовите ќе ја земат невестата од бегалскиот камп во Табановце и таму ќе ги тераат сите обичаи, бидејќи таму започнало се.
Обичаите, во поголемиот дел се исти како овде, но има и некои разлики. Кај нас бавен е процесот на запознавање на семејствата. Прво се среќаваат мажите на двете страни, па потоа жените. Свадбата трае три дена. Обичаите предвидуваат купување на невестата со злато, вредно околу 5 000 долара. Наша лична традиција ќе биде се да делиме, се да биде заедничко во добро и зло. На свадбата сакам да се испочитува само еден од моите обичаи, а тоа е на девојките да им се стави кана на раката а на ергените мед на малиот прст, - вели Нура.
Други обичаи нема да има. Нема да правиме традиционална македонска свадба туку модерна забава со тамбураши и диџеј. Ако ги тераме нашите обичаи, тогаш јас ќе треба да барам од дедото нива со нафта во Ирак, - се шегува Боби, кој покрај професионалната работа во МВР, на јавноста и познат како актер во хумористичната емисија „Нема љутиш“, која се емитува на ТВ Плус.
На свадбата, најверојатно, нема да присуствува семејството на Нура, бидејќи тие се противат на мешаниот брак помеѓу муслиманка и христијанин, и бараат таа да замине со нив во западно-европските земји, заедно со братчето и сестричката. За да излезат од Багдад, морале да платат 80.000 долара. Затоа таа несака да се сеќава на ужасите на војната и траумите низ кои поминала додека стигнала до срцето на Боби. Ужива во љубовта и ги запознава убавините на Македонија. Вели дека е воодушевена од македонската кујна, а најмногу и се допаѓа ајварот и малиџаното.
Македонска снашка, куме, фала, како си, добро, да пукнеш, на здравје,- се, засега, македонските зборови во речникот на Нура. Но таа сака и настојува секојдневно да научи што повеќе, и тоа и оди добро. Вели дека доста зборови од јазикот на Курдите, турцизми, се употребуваат во нашиот говор и зато не и е тешко да го совлада. Посебно и е интерсен кумановскиот дијалект. Откако ќе се венчаат и ќе направат свадба, Нура планира да продолжи да работи во Црвениот крст, бидејќи сака да помага на луѓето. Таа завршила гимназија во Багдад, служела 3 месеци во ирачката војска и работела како преведувач. Моминското презиме ќе го смени по три години откако ќе заврши процедурата за добивање на државјанство.
Ново на Сител
-
Тема на денот со Милан Стефановски, аналитичар
-
Предизвици пред седницата на Уставен
-
Чествување - „Денови на Свети Климент Охридски“
-
Новата пречистителна станица во Дојран ќе биде готова до крајот на годината
-
Намалена интенција на младите за иселување, но предизвици има уште многу
-
Потенцијал за био економија има, недостасуват едукација, правна рамка и стратегии
-
Во Македонија се уште е слаб интересот за волонтерство
-
ДУИ постави шатори пред Уставен суд