Анкетната комисија за прислушувањето не го утврди дневниот ред за седницата
Собраниската Анкетна комисија за прислушувањето не го утврди дневниот ред на денешната седница на која беше предвидено сослушување на предложениот сведок поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески
За утврдување на дневниот ред гласаа двајца членови на Комисијата од опозицијата, а осум од владејачкото мнозинство беа воздржани.
Претседателот на Анкетната комисија за прислушувањето Петре Шилегов откако констатира дека Јанакиески не дојде на седницата и оти не е утврден дневниот ред ја прекина седницата и информира дека за утре е закажана седница за работни групи.
На седницата не присуствуваа пратениците Томислав Тунтев и Васко Ковачевски од СДСМ и Талат Џафери и Ејуп Рустеми од ДУИ кои го известиле Шилегов, како и Роза Топузоска Каревска и Ернард Фејзулаху.
Записникот за вчерашната седница на која сведок беше премиерот Никола Груевски не е готов, бидејќи, како што информира Шилегов, е потребно време службите да го изготват со стенографски белешки согласно протоколот за безбедност на податоците. - Во моментот кога ќе биде изготвен на наредна седница ќе го ставам на усогласување. Сега и да сакаме технички не e подготвен, а сметам дека е добро составен дел од вчерашниот записник да бидат и стенографски белешки коишто ќе останат како доказ и сведоштво за затворената седница, а некогаш некои други генерации веројатно ќе читаат, рече Шилегов.
Во тек на седницата пратеничката Владанка Авировиќ од СП процедурално побара збор, а Шилегов и рече да почека тој да заврши, наведувајќи „Зошто сте имале толку несреќно детство, што ви правеле кога сте биле мала?“. Реагираа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека Шилегов упатува навреди, на што тој одговори дека, „во тек на три недели Авировиќ била во најмала рака безобразна кон претседателот на Комисијата“.
За однесувањето на Шилегов, по седницата, во името на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ реагираше Антонио Милошоски. Квалификувајќи ги како вербален, непожелен инцидент, Милошоски рече дека Шилегов на денешната седница на Комисијата упатил лични навреди кон Авировиќ.
- Ова се случува подолго време, во континуитет, а денеска кулминираше. Оставаме на Шилегов, на неговото морално чувство, дали јавно ќе и се извини на колешката Авировиќ, нагласи Милошоски и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ е згрозена од ваквото однесување со оглед дека, како претседател на Комисијата, Шилегов треба да биде пример за останатите.
Претседателот на Комисијата, пак, Петре Шилегов даде изјава веднаш по Милошоски во која подвлече дека нема намера, ниту му паѓа на памет да и се извини на Авировиќ.
- Авировиќ е задолжена за реметење на седницата. И вие сте сведоци на нејзините постојани дофрлања. На седница на која било комисија може да зборува секој кога ќе побара збор и кога ќе го добие од претседателот. Не можам јас да сносам одговорност за нечие домашно невоспитување, истакна Шилегов.
За задутре е закажано сослушување на вицепремиерот Зоран Ставрески, но се уште не се знае, како што рече Милошоски, дали и тоа ќе биде затворено за медиумите. ВМРО-ДПМНЕ, напомена Милошоски, останува на ставот сослушувањата да се одржуваат без присуство на новинари зашто, рече, кога некои членови на Комисијата ќе видат камери, почнуваат поинаку да се однесуваат.
На прашањето кога одговорите што ги изнесуваат сослушуваните ќе и бидат достапни на јавноста, Милошоски одговори дека Комисијата треба да работи на изготвување извештај кој веројатно ќе биде комплетен до крајот на јануари.
Ново на Сител
-
Судски совет предлага продолжување на мандатот на Весна Дамева
-
Скопје од понеделник под блокада
-
ЕВН прифати повисока цена од ЕСМ, за колку ќе плаќаме поскапа струја?
-
Минималец од 450 евра и нова методологија за пресметка на плати, бара УПОЗ
-
Комплекс ,,Македонско село'' повторно ќе биде понуден на оглас
-
Средношколци влегуваат во сексуални односи, а не знаат како да се заштитат од преносливи болести
-
Свештениците, монасите и верниците се простија од Тимотеј
-
Нови технологии за производство на чиста и здрава вода за пиење