Бизнис
16. May 2018 - 18:15

Анѓушев во „Џонсон Мети“: Ги поттикнуваме компаниите на нови инвестиции

Преку имплементација на Законот за финаниска поддршка на инвестициите што од денеска и официјално стапува во сила, ги поттикнуваме компаниите да реализираат нови вложувања, да отвораат нови подобро платени работни места, технолошки да се развиваат и да стануваат поконкурентни на меѓународните пазари, рече денеска вицепремиерот Кочо Анѓушев кој беше во работна посета на „Џонсон Мети“ во Бунарџик.

На средбата со менаџментот, Анѓушев потенцира дека мерките од владиниот План за економски раст се многу поттикнувачки за инвеститорите.

- Преку овие мерки стимулираме нови инвестиции за побрз технолошки развој и зголемена конкурентност на компаниите, повисоки плати за вработените и подобрување на соработката со домашните компании. Многу е важно дека ги стимулираме и домашните компании технолошки да се развиваат, да создаваат производи со повисоки стандарди и подобар квалитет, за да ја зголемат својата конкурентност и да стануваат потенцијални добавувачи на странските компании, истакна вицепремиерот.

Владата, дополни Аншѓушев, работи на одржување добри односи со странските компании во Македонија, како и на привлекување нови реномирани фирми со што се докажува нејзината позитивна намера.

Менаџментот на „Џонсон Мети“ ги презентира резултатите постигнати во изминатите години. Лани во фабриката каде работат над 920 лица, се произведени околу 12 милиони катализатори, а вкупниот остварен извоз е околу 1,5 милијарди евра. Се очекува резултатите во 2018 година да покажат дополнителен раст.