Алармантни податоци: 25% од македонските основци имаат искривен рбет
Секој четврти ученик во основно образование има искривување на рбетниот столб и деформитети на градниот кош. Систематските прегледи од 2018 година покажуваат загрижувачки податоци за здравјето на децата. Дури 25,4 проценти од основците имаат сколиоза и кифоза за разлика од 2017 кога тој процент бил 18. И покрај алармот на лекарите од школските диспанзери кои изминатите години постојано предупредуваа на овој проблем, резултати засега нема. Од Министерството за образование очекуваат состојбата да ја подобрат со измените во законот за основно. Предвидено е од прво до петто одделение часот по физичко образование да го изведува соодетен кадар од оваа дејност.
-Тоа е добро затоа што на тој начин децата ќе стекнат навики и ќе имаат соодветно физичко образование од соодветен кадар, бидејќи знамеме каква е сега состојбата на нашите ученици. Само на тој начин уште од прво ооделение ќе влијаеме на подобрување на физичката активност кај децата, вели Борче Божиноски наставник по физичко во ОУ Димо Хаџи Димов.
Наставниците по физичко велат дека во 6-то одделение кога тие ја преземаат наставата се соочуваат со деца кои немаат развиено моторика.
-Имаме ситуации кога неможат едноставно да вежбаат и тоа не е добро, вели Божиноски.
Немањето на физичка активност кај децата не е причина само за телесни деформитети туку и за дебелина кај школската популација. Експерти од Институтот за јавно здравје неодамна предупредија дека Македонија е на врвот во Европа по бројот на дебели деца.
-Тие деца ако сега имаат ваков проблем и во иднина ќе го пренесат. Мора да им се обезбедат услови за поголема физичка активност, вели Игор Спировски од Институт за јавно здравје(14.05 2019)
Според измените во законот за основно образование ќе има и нови вработувања на наставен кадар за часовите по физичко образование. Но и покрај оваа мерка, нејасно е дали ќе има простор за изведување на програмата кога половина од спортските сали се нефункционални или, пак, ги издаваат за други активности. Во Македонија учениците неделно имаат само 120 минути физичка активност во училиштата. Во Унгарија секој ден часот по физичко е задолжителен во школските установи.
-
Сања Димитриевска
Сите содржини од овој новинар