00:00           
00:00
 
00:00
         
        
 
Македонија
21. April 2025 - 16:40

Папата Франциск - Единствен кој ја посети Македонија

Католиците во Скопје се простуваат со Папата Франциск. Точно во 15:00 часот се огласија камбаните на Католичката црква Пресвето срце Исусово.

Папата Франциск беше единствениот кој ја посетил Македонија. Во 2019 година дојде во Скопје. Ја посети Католичката црква во Скопје. А потоа одржа и миса на плоштадот Македонија.

Скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов упати писмо до сите парохии и монашки заедници во Македонија. 

- Благодарни сме на Бога за неговиот понтификат, кој на негов својствен начин го покажуваше постојано милосрдното лице на Отецот, а посебно беше глас на сиромашните и маргинализираните. Благодарни сме на неговата Апостолска посета на Македонија во мај 2019 година, која ќе остане во нашите сеќавања и запишана во историјата на Република Македонија. Неговото заземање за мир во светот, за дијалог и братство меѓу народите ќе останат негов завет за идните генерации, вели бискупот Стојанов. 

Сочувство за упокојувањето на Папата Франциск, сепак, не пристигна од целиот државен врв. Порака испрати само претседателот на Собранието, АФрим Гаши. Вели, заминувањето од овоземскиот свет на Папата Франциск е длабока загуба за целото човештво.

- Како еден од духовните лидери на нашето време, тој ги вгради принципите на мирот, на социјалната правда и на меѓурелигиозниот дијалог, станувајќи симбол на посветеноста кон заедничкото добро. Со својата едноставност, со безусловната љубов кон човекот, Папата Франциско допре до срцата на милиони луѓе низ целиот свет, надминувајќи верски, национални или идеолошки граници. Неговото наследство ќе остане водич за идните генерации, за изградба на поправеден, помирен и поединствен свет, вели Гаши.

Со Папата се простија светските лидери. Бакингемската палата објави порака од Кралот Чарлс.

- Неговата Светост ќе биде запаметена по неговото сочувство, неговата грижа за единството на Црквата и неговата неуморна посветеност на заедничките каузи на сите луѓе со вера и на оние со добра волја кои работат во корист на другите, велат од Бакингемската палата.

Сочувство испрати и претседателката на Европската комисија.

- Тој инспирираше милиони луѓе, многу подалеку од Католичката црква, со својата понизност и љубов толку чиста за помалку среќните, вели Урсула фон дер Лајен.
Американскиот потпретседател Џеј ди Венс е последниот висок политичар кој се сретна со папата Франциск. Тој вчера беше во Ватикан.

- Моите мисли се со милионите христијани ширум светот кои го сакаа. Бев среќен што го видов вчера, иако беше очигледно дека е многу болен, вели Џеј ди Венс. 

Рускиот претседател Владимир Путин, пак,  вели дека ќе го помни папата Франциск како бранител на највисоките вредности на хуманизмот и правдата.

Во соопштението од Кремљ се вели дека Путин имал привилегија да комуницира со овој исклучителен човек во неколку наврати. 

Папата Франциск во својот мандат отпатува и посети вкупно 47 држави ширум светот, меѓу кои и Македонија.