Македонија
21. April 2025 - 16:37

Штипска модуларна ќе се преадаптира во специјалистичка амбуланта

Во завршна фаза е постапката за преадаптација и реконструкција на штипската модуларна болница во специјалистичка амбуланта. Закажани специјалистички прегледи преку „Мој Термин“ наместо во старата зграда на болница ќе се прават во овој објект. 

Процедурата  90% е завршена. Имаме пуштено барање до Управниот одбор на Фондот за здравство и чекаме одобрување на потребните финансиски средства кои ги имаме во склоп на планот за 2025-та година. Во план ни е процедурата да започне и да се заврши што е можно поскоро, изјави д-р Владко Захариев, директор на КБ- Штип

Минатата година, низ сите амбуланти во Штипската клиничка болница се прегледани над 150.000 пациенти, а најголема фреквенција има на ортопедија и хирургија.

Ортопедија, хирургија, интерна медицина, неврологија, кардиологија – овде е најголемата гужва. Само до септември 2024 година, на ортопедија имало над 24.000 прегледи. Тоа се должи на големата заложба на овие доктори, а ги има само четворица“, изјави д-р Захариев.

Пред самиот почеток на работа треба да се досреди и околната инфраструктура. Со помош на општината ќе се доизградат неасфалтираните пристапни патишта и паркингот, со што значително ќе се олесни пристапот до објектот.