Македонија
24. July 2024 - 21:17

600 приватни специјализанти ќе бидат вработени - Ќе го реши тоа проблемот со одливот на мозоци?

600 приватни специјализанти ќе бидат вработени во две фази – 300 годинава и 300 идната година, одлучи Владата. Според владината прес-служба, на овој начин ќе се даде шанса на млад здравствен кадар во македонското здравство, и активно ќе се влијае за намалување на метежот во здравствените институции.

Но критериумите по кои ќе се вработат приватните специјалзанти ќе ги донесе Министерството за здравство. Претставниците на Здружението на лекари специјализанти ја поздравуваат одлуката на Владата, но велат, мора да се внимава на начинот на вработување. Утре тие ќе имаат средба со министерот Таравари каде ќе му понудат решенија за правично вработување.

-Ние имаме неколку наши предлози. Односно, формирање на една работна група со членови и претставници од Министерството за здравство, ФЗО, Министерството за финансии и од  приватните специјализанти со цел тој процес да биде навистина транспарентен. Колегите коишто се во најстари години, со највисок просек согласно типот на специјализација да добијат соодветни места. Односно, поради начинот на којшто е формулиран Законот за здравствена заштита, тој не предвидува предност, доколку имаме генерални конкурси, само за приватни специјализанти. Тоа значи дека на конкурост може да се јави било кој, па и штотуку дипломирани доктори што во никој случај не сметаме дека е коректно према колегите коишто исплаќале многу години средства за да се едуцираат, вели претседателката на ЗЛС, Александра Георгиева.

Но, ова е само делумно решение на проблемот. Македонија е позната како произведител и извезувач на медицински кадар во западно-европските држави. Георгиева вели, младите доктори ги брка самиот систем. Предизвик за новата Влада ќе биде како да најде начин да ги задржи, но и како да го планира продуцирањето на медицински кадар.

-Одлуките колку и да се позитивни тие мора да имаат некаква одржливост. Мораме да имаме план, минимум 10-годишен план на државата за тоа какви профилни кадри ни фалат, каде ќе вработуваме и со кое темпо, со цел да се усогласат трите Универзитети. Тоа се скопскиот, штипскиот и тетовскиот. Колку студенти нас ни требаат? Бидејќи начинот на решавање на фактот дека ние имаме недостаток на лекари не е преку неквалитетна хипер-продукција на кадар, туку сметам дека е преку квалитетна едукација, соодветен број на студенти, односно да се запишуваат онолку студенти колку што државата има потреба да вработува на годишно ниво, за ниеден лекар да не се најде во ситуација да не може да најде работно место покрај 10 години едукација, висок просек итн..., вели Георгиева.

Клучни прашања за приватните специјализанти во иднина ќе бидат нивните плати, кои во моментот се 26.000 денари за оние кои нема да се вработат. Но и начинот на кој се рапишуваат специјализациите. Наместо да се гледа потребата на државата, приватните специјализациим се распишуваат според слободни менторски места.