200 првачиња не тргнале во прво одделени поради вакцините - што ќе преземе владата?
Околу 200 првачиња не се запишани во училиште зошто не биле вакцинирани. Ова се првичните податоци кои досега ги обработиле просветните инспектори. Министерот Адеми изјави дека бројката на деца кои не следат настава зошто немале уреден вакцинален картон можеби е и поголема, а решение за незапишаните ќе бараат на Владина седница.
- Можеби ќе биде и поголем бројот, но поентата не е тоа. И за едно дете да се работи, ние треба да делуваме како институции, но треба да го почитуваме Уставот, законите и решението на Уставниот суд, кој за ова прашање се огласил и го третирал со конкретни насоки. Се разгледуваат сите можни опции – и околу законскиот аспект, и околу бројот на незапишани на национално ниво. Податоците на кои се повикуваат родителите во врска со вакцинацијата, како и оние за досега незапишани првачиња ќе ги отворам на посебна седница на Владата, изјави министерот за образование и наука Арбер Адеми.
Во петокот група родители кои се против вакцините протестираа од труд и социјала до образование со барање нивните деца да не бидат дискриминирани и да бидат примени во градинка и училиште. Рекоа дека законите се на нивна страна и поднеле кривични пријави против министрите Царовска и Филипче.
Од друга страна од министерството за здравство се пофалија дека голем број родители ги послушале препораките и од Нова година до сега со МРП биле вакцинирани 41.623 лица до 14 години.
Иако законот важи многу одамна, но не се почитуваше забраната за упис на првачиња без примени вакцини се актуелизираше поради епидемијата на морбили која сеуште е активна во цела држава. Според податоците од ИЈЗ не може да биде одјавена уште најмалку еден месец зошто пред 2 недели регистриран е нов случај, и од тогаш не треба да има ново заболени 42 дена.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар