Македонија
2. December 2017 - 16:17

ВМРО-ДПМНЕ и вечерва на протест - Судот се уште не добил решение од Собранието за одземање на имунитетот на пратениците

Скопскиот кривичен суд се уште чека Собранието да му ги достави решенијата со кои им се симнува имунитетот на шестмината пратеници осомничени за тероризам за настаните во Собранието од 27 април.
 
Од таму за Сител велат дека кога ќе се создадат услови Судот да постапува по овој предмет, јавноста ќе биде информирана а пратениците ќе бидат повикани на распит пред судија на претходна постапка. 
 
Тарчулоски, Мукоски, Пешевска, Димовски, Василевски и Арнаудов останаа без пратеничкиот имунитет откако вчера, нивните колеги пратеници го изгласаа барањето на судот за одобрување на притвор. Од Собранието уште вчера информираа дека Џафери веднаш ги потпишал одлуките и тие биле проследени до Судот, но кога ќе пристигнат таму, никој не може да потврди. 
 
Согласно процедурата, пратениците прво треба да бидат сослушани, по што судијата на претходна постапка ќе реши, дали ќе ги прати во притвор или ќе им овозможи да се бранат од слобода. 
 
Обвинителството отвори истрага против 36 лица за терористичко загрозување на уставниот поредок. Од нив 22ца веќе се во притвор, а по шестмина се уште се трага.