Фудбал
12. July 2017 - 18:08

Треневски: Двомечот со Динамо ќе биде решен на реваншот во Минск

Фудбалерите на Работнички се подготвени за предизвикот што го носи првиот дуел против Динамо Минск, во рамките од второто квалификациско коло за Лигата на Европа. Тренерот Виктор Треневски им порача на своите играчи дека треба што поскоро да се заборави убедливата победа од минатата седмица против Тре Пене, бидејќи утре против себе ќе имаат многу посериозен противник.
 
- Ни коментираа дека сме играле со аматери во првото коло, па еве сега на ред се професионалците. Динамо Минск има квалитетен тим, што би можел да го споредам со Вардар или со Шкендија од домашното првенство, според буџетите на овие клубови. Од тактички план играат со формација 3-4-3, можеби се фаворити, но и ние имаме свои планови што ќе се обидеме да ги реализираме во дела. Ќе играме без резерва до крај, има два меча, мислам дека ќе биде тесно, а ќе се решава на реваншот, изјави Треневски.
 
Тој изрази жалење што за овој двомеч нема да може да смета на услугите на Ванче Шиков, кој направи трансфер во Казахстан.
 
-Помошта од Шиков ќе ни беше добредојдена, сигурно ќе ни недостига, но имаме момци кои можат да го заменат, смета Треневски.
 
Натпреварот Работнички – Динамо Минск се игра утре на игралиштето на ФФМ со почеток од 18 часот.