Свет
18. May 2017 - 16:05

Трамп: Најголемиот политички лов не вештерки во американската историја

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска на Твитер жестоко реагираше на федералната истрага за наводна координација меѓу Русија и неговата кампања во пресрет на минатогодишните американски претседателски избори.

- Ова е најголемиот поединечен лов на вештерки за некој политичар во американската историја, напиша Трамп на оваа социјална мрежа.

Американското Министерство за правда го именуваше поранешниот директор на ФБИ, Роберт Милер, за специјален советник за надгледување на сојузната истрага за наводната координација меѓу Русија и предизборната кампања на претседателот на САД, Доналд Трамп, во текот на 2016 година.

Именувањето уследи во време додека демократите се погласно повикуваат некој надвор од Министерството за правда да се позанимава со политички обоената истрага.

Министерството за правда соопшти дека Милер поднел оставка во приватната адвокатска фирма за да може да ја преземе работата на специјален советник.

Милер за директор на ФБИ беше именуван во 2001 година, а се пензионира во 2013 година, по што на тоа место го замени Џејмс Коми.

Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела го смени Коми од местото директор на ФБИ, кој водеше истрага за наводната вмешаност на Русија во американските претседателски изборе во 2016 година.

Именувањето на Милер уследи откако медиумите објавија дека Коми во белешка напишал дека Трамп на состанокот во Белата куќа во февруари побарал од него да ја прекине истрагата за неговиот поранешен советник за национална безбедност, Мајкл Флин, што  Белата куќа го негираше.