Стартуваше повторениот процес за „Монструм“
Со нов судски совет, нов јавен обвинител, но со старо обвинение, случајот Монструм стартуваше од почеток. Откако Врховниот суд ги укина доживотните затворски казни за петкратното убиство кај Смилковското езеро, Алил Демири, браќата Африм и Агим Исмаиловиќ, Сами Љута, Фејзи и Хаки Азири повторно влегоа во судница под обвинение за тероризам. Јавното обвинителство остана на обвинението од 2012-та според кое, мотивот за свирепото убиство е предизвикување на страв и несигурност кај граѓаните. Поради технички пропуст, судењето ќе продолжи на 14 март, кога обвинетите ќе треба повтроно да одговорат дали се чувствуваат виновни.
Повторената судската постапка ќе треба да утврди дали за петкратното убиство беа осудени вистинските лица, откако премиерот Зоран Заев јавно тврдеше дека поседува прислушувани телефонски разговори. Одговори очекуваат и семјествата на убиените момчиња кои повеќе пати побараа да бидат запознаени со ваквите нови докази. За овој предмет Специјалното обвинителство пред две години отвори предистражна постапка, но дали ќе го превземе случајот, адвокатите очекуваат да биде познато до следното рочиште.
„Ние како одбрана сметаме дека СЈО ќе се инволвира во овој кривичен предмет, бидејќи постојат разговори и надлежноста е дефинитивно на Специјалното јавно обвинителство. Можеби и тоа е причината што јавното обвинителство од одделот за организиран криминал денеска и не го истакна второто обвинение“, рече Рауфи
6-мината обвинети за тероризам, овојпат пресудата ќе ја дочекаат на слобода, откако Врховниот суд ја укина и мерката притвор. На обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ повторно ќе им се суди во отсуство. Нивните имиња веќе пет години се наоѓаат на листата на лица кои МВР ги бара со меѓународна потерница.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар