Македонија
30. August 2016 - 16:40

Срѓан Керим останува во стабилна позиција при третиот круг гласање за нов генерален секретар на Обединетите нации

Македонскиот кандидат за генерален секретар на Обединетите НАции д- р Срѓан Керим и натаму ја задржува стабилната позиција што ја има од самиот почеток во трката за најзначајното место во оваа организација.  

И по третиот круг гласање тој се задржа во горниот дел од табелата. Трката останува отворена се додека не  влезе во фаза на употреба на правото на вето од страна на 5те постојани членки на советот за безбедност.

Потоа ќе може да се процени кој  од кандидатите има реални шанси да биде изгласан за генерален секретар.

По принципот на ротација, следниот кој ќе ја заземе оваа позиција би требало да дојде од Источноевропската група, на која припаѓа РМ.

На листата се забележаа сериозни поместувања во индивидуални случаи како што е падот на словенечкиот кандидат, Данило Турк од второ на осмо место и обратно словачкиот кандидат Лајчак кој од последната се искачи на втора позиција.

Тоа укажува на тактизирањето на одделни земји и релативноста на бројот на гласови во оваа фаза на изборниот процес. 

Португалскиот кандидат Антонио Гутереш, кој беше првопласиран од круг во круг добива се поголем број негативни гласови. Д-р Срѓан Керим е на шестото место со шест охрабрувачки гласа. Керим прв ја достави својата кандидатура. Во трката за наследник на Бан Ки- мун со почеток на мандат во 2017та година, како приоритети ги предлага демократското владеење и реформа на ООН.

Керим наведува дека ќе се залага за безбедноста, одржлив развој и климатски промени, родова рамноправност, образование, граѓанско учество и миграции.

Во Советот за безбедност ќе се гласа за 10 кандидати меѓу кои и македонскиот кандидат  Срѓан Керим поддржан од македонската влада. По оваа селекција настапува директното преговарање меѓу големите сили, постојаните членки на Советот за безбедност за назначување на новиот генерален секретар.Следниот круг на гласање се очекува кон средината на септември.

Срѓан Керим е македонски политичар,бизнисмен, поранешен амбасадор , министерм професор академик  и претседател на Генералното собрание на ОН од 2007ма до 2008ма година. До сега е наградуван со повеќе одликувања домашни и меѓународни.