Македонија
13. May 2024 - 16:36

Силјановска Давкова: Македонија е мое лично право на самоопределување

Чин на самоопределување и самоидентификација. Вака новата претседателка Гордана Силјановска Давкова одговори на прозивките кон неа за тоа зошто во вчерашната заклетва користела Македонија наместо уставното име на државата.

„Во своите јавни настапи, македонската претседателка има право да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи, и согласно европските вредности и начела”, одговараат од кабиентот на Силјановска Давкова.

Од таму велат дека претседателката  „ќе се придржува до официјалната примена на уставното име“ и дека заклетвата, онака како што била подготвена од собраниските служби, била потпишана со уставното име на државата.

Во меѓувреме не стивнуваат острите реакции од грчка и бугарска страна. Изјавата на Силјановска ја толкуваат како прекршување на Спогодбата од Преспа и Договорот за добрососедство. И Атина и Софија велат дека тоа може да ги наруши евроинтеграциските процеси на Македонија.

„Грција ги отфрла начините на управување како овие со кои госпоѓа Силјановска го започнува својот мандат. Ја повикуваме да се врати на нејзините законски должности и на однесувањата кои произлегуваат од нејзината улога. Категорично изјавуваме дека нема да прифатиме вакви неприфатливи грешки. И повторуваме дека секој напредок во билатералните односи, како и секој чекор на Скопје кон Европа, зависат од искреното почитување на договореното. Од правилната употреба на уставното име на соседната држава. И, секако, од избегнувањето провокации“, напиша Мицотакис на Фејсбук.

Сепак, неговиот портпарол денеска вели дека Атина не е стигната до точка на вето.

„Во овој момент не сме до оваа точка, но јасно е и не се потребни многу толкувања, неопходен предуслов за интегративниот процес на Северна Македонија е почитувањето на Договорот од Преспа“, рекол Маринакис, пренесува МИА.

Слични рекации стигнаа и од бугарскиот премиер Радев и техничкиот Главчев.

„Бугарија постојано и јасно го искажува својот став дека договорите треба да се исполнат. Ве потсетувам и дека РСМ е земја членка на НАТО, од која произлегуваат соодветните должности и одговорности.

Убеден сум дека европската перспектива на РСМ зависи од строгата имплементација на меѓународните договори од секоја  страна, како и преговарачкара рамка одобрена од Советот на Европа во јули 2022 година. Преговарачка рамка, која, за информирање на одговорните институции во РСМ, нема да се ревидира“, пишува Радев.

Но, Силјановска возвраќа на ваквите пораки од соседите. Бара тие доследно да ги исполнат своите обврски од билатералните договори.

„Македонските институции во последниве 5 години речиси целосно ги исполнија обврските од Преспанскиот договор и претседателката очекува сите македонски партнери да ги почитуваат билатералните и мултилатерални обврски кои ги презеле кон земјата“, велат од кабиентот на претседателката.

Поблаги рекации со барање за исполнување на обврските од европскиот пат стигнуваат од Брисел.

ТЕЛОП ПЕТЕР СТАНО „Постојните билатерални договори треба да се спроведат со добра волја од сите страни, вклучително и Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, вклучувајќи ги неговите протоколи. Тоа се очекувањата на ЕУ, изјавил портпаролот на Европската комсија Петер Стано, додавајќи дека Еу со нетрпение очекува да соработува со новата претседателка и новата Влада.

Аамериканската амбасада за 360 степени пак, вели дека САД СЕ целосно посветени на македонските евроатлански интеграции.

ТЕЛОП АМЕРИКАНСКА АМБАСАДА „Откако ќе се формира нова влада и ќе се избере премиер, ќе продолжиме да ја зајакнуваме важноста на почитувањето на меѓународните договори и придобивките од напредокот на државата со полноправно членство во Европската Унија“, велат од амбасадата.