Македонија
23. May 2024 - 16:39

Преговорите за Влада во напредна фаза се уште нема конечен договор за Министерствата

Се уште нема договор за влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ВРЕДИ, но разговорите  влегуваат во завршна фаза, велат извори од преговарачкиот процес. Министерските позиции се разгледувани, но не и конечно распределени. Во наредните денови треба да почнат разговори и за директорските места, велат и од ВМРО-ДППМНЕ и од Вреди. Но, официјално не се зборува кои ресори ќе одат кај албанскиот партнер и дали спикерското место во парламентот е дел од коалицискиот колач.

Во меѓувреме Таравари јавно објави што неговото крило во „Вреди“ наводно добива со владиниот договор.

За директори уште немаме зборувано. За министри, од Алијанса, кажав дека ќе имаме заменик-премиер, односно министер за добро владеење и транспарентност и министер за здравство и двајца заменици министри за одбрана и за земјоделство и двајца државни секретари. За еден знам, за здравство, за другиот не сум сигурен

Сепак, тој не одговара дали тој ќе го предводи ресорот здравство. Според Таравари, во наредните 48 часа веќе ќе се знае и конечниот договор со ВМРО-ДПМНЕ околу министерските позиции.

Во меѓувреме остатокот од Вреди брифира дека во игра се или вицепремиерско место за евроинтеграции што би го добила Алтернатива на Гаши, или пак вицепремиерско место со силно министерство што би го добил Изет Меџити. Сигурно за Вреди е и министерството за политички систем кое ќе се трансформира во министерството за односи меѓу заедниците.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ пак, преку мрежата Икс, порача дека е извесна владина коалиција со ЗНАМ на максим Димитриевски.

 „Новата влада се очекува до 20 јуни, најверојатно ќе ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ“, напиша тој.

Сепак, официјална потврда за разговори со ЗНАМ од ВМРО-ДПМНЕ нема. И од ЗНАМ велат дека не добиле официјална покана од партијата на Мицкоски.

Ако бидеме повикани на преговори, ќе преговараме, доколку не, нема да инсистираме, ќе дејствуваме според нашата политичка програма која јасно ја презентиравме во изминатите месеци, како за време на претседателските избори од страна на нашиот лидер Максим Димитриевски, така и за време на целата кампања за двојните избори преку наши настапи, ни изјави Никола Мемов, портпарол на ЗНАМ.

Разговорите за Влада се интензивираат по вчерашнотот прегласување во 5-тата и 6-тата Изборна едница со кое Вреди од 13 рипна на 14 пратеници. Претходно пак, ВМРО-ДПМНЕ објави дека веќе располага со 61 пратеник во парламентот.

Актуелниот собраниски спикер Митрески пак, веќе објави дека на состанок со новите пратенички групи договорил конститутивната седница да се одржи на 28 мај, а седницата ќе ја води пратеничката Коџаџику

Конститутивната седница трае 3 дена.