Со дефилето под маски напладне почнува Вевчанскиот карневал
Со традиционалното карневалско дефиле под маски денеска напладне официјално ќе почне Вевчанскиот карневал.
Двете василичарски друштва Горна и Долна маала со зетот, невестата, двата ѓаволи, Глупавите Августи и останатите маски инспирирани од актуелните политички и секојдневни случувања во изминатата година ќе продефилираат низ вевчанските улици и ќе ги претстават своите маски. Вевчани денеска и утре ќе наликува на театар на отворено, а секое карневалско издание за вевчанци е доживување и инспирација за изработка на маска за следната година. Вевчанци ќе кажат се, но до последен момент до дефилето не откриваат во што ќе се маскираат.
Градоначалникот Цветомир Угриноски на прес-конференција нагласи дека Вевчани е подготвено за уште едно карневалско издание. Во вечерните часови, присутните ќе ги забавуваат Есма Реџепова и Наум Петрески, а на полноќ се најавува петминутен огномет. Настап ќе има и вевчанецот Перо Пешиновски до утринските часови, кога традиционално невестите од двете маала заедно со гостите одат на Вевчанските извори каде полнат вода со која се прави вевчанскиот кашаник во кој се става паричката. Кај оној што ќе се падне паричката ќе биде среќен и бериќетен во текот на целата година.
Според традицијата, утре Василичарите ќе одат од куќа во куќа каде што има луѓе со име Васил да му честитаат и околу пладне доаѓаат во центарот на Вевчани каде што ги играат василичарските ора. Манифестацијата ќе заврши со традиционалното палење на маските во центарот на Вевчани, некаде околу 17 часот. Со палењето на маските се верува дека се ослободуваат од злото и дека годината ќе им биде среќна и бериќетна.
Фотографии од Вевчанскиот карневал на група македонски фоторепортери денеска ќе бидат изложени во Кутмичевица во Вевчани. Несекојдневниот микс од вевчанското шаренило направен е од македонските фоторепортери Маја Златевска, Огнен Теофиловски, Роберт Атанасовски, Ѓорѓи Личоски, Наке Батев и Томислав Георгиевски. Изложбата се одржува во чест на новинарот Никола Шутиноски од Вевчани.
Вевчанскиот карневал, кој датира од настанокот на Вевчани, со традиција од околу 15 века симболизира два паралелни света, едниот му припаѓа на пагнаството, а другиот на христијанството. Задолжителни елементи се зетот и невестата кои се симбол на плодноста и продолжувањето на семејството, двата ѓавола, кои олицетворение на злото и двајцата глупави Августи кои ги штитат од злото. Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Св. Василиј Велики или доаѓањето на новата година по стариот, Јулијанскиот календар.
Ново на Сител
-
Вреди: Не треба да се отвораат старите рани
-
Победа над Фарски Острови - македонските ракометари се пласираа на Светско
-
Пендаровски се заблагодари на граѓаните за укажаната доверба
-
ЦУК: Спасени две лица кои со „квадрицикл“ излетале во провалија на Шара
-
Приштина: Притвор од 30 дена за државјанин на Србија вмешан во ланските немири во северно Косово
-
ЕУ потсетува на важноста од целосно почитување на Договорот од Преспа
-
Мишел и Фон дер Лајен со честитки во Сиљановска Давкова: Очекуваме соработка на европскиот пат на земјата
-
Алексеј Навални постхумно ќе ја добие наградата за мир во Дрезден