Македонија
25. јуни 2017 - 19:19

СИТЕЛ ТЕМА: Педијатрите се категорични дека треба да се знае потеклото на посвоените деца

Посвоителите треба да го знаат биолошкото потекло на детето за лекарите навремено да реагираат во случај на ретка болест или заболувања поврзани со гените, сметаат од педијатриското здружение на Македонија. Во спротивно може да се случат тешки компликации по здравјето на посвоеното дете.

-Имавме случај да се даде лек на дете, а не мислевме дека е во прашање ретка болест и на крај откривме дека е тоа така. Не само ретка туку и болести со предиспозиции или одредени други кондиции можеме да им помогнеме на фамилиите ако веќе знаеме. Дел од тие дечиња веќе поминале низ Детската клиника или ГАК, тие дечиња сепак некаде се родиле и добро е да се знаат деталите за некои работи, ама тоа се разбира во ссооднос со фамилијата, со спремноста да се прифатат некои работи, барем ако ништо друго родителите да ги знаат биолошките родители доколку се случат такви ситуации, изјави д-р Аспазија Софијанова, претседател на здружението на педијатри на Македонија и директор на Клиниката за детски болести.

Софијанова е категорична дека лекарите треба повеќе да бидат вклучени во целиот процес на посвојување, а не само формално да бидат дел од комисиите.

-Многу малку сме вклучени ние лекарите, бидејќи во вакви ситуации сме од исклучителна важност, додаде Софијанова.

Инаку здравствениот аспект е само дел од мозаикот зошто посвоените деца сакаат да си го знаат потеклото. Затоа стотици од нив на социјалните мрежи упорно ги бараат биолошките родители, а некои мајки трагаат по децата кои ги некогаш ги оставиле во болница или дом. Како што Сител веќе објави, Граѓански организации имаат подготвени и предлог измени на член од законот за семејство кои наредната недела ќе ги презентираат пред надлежните во министерството за труд и социјала.