Македонија
5. December 2015 - 17:20

СДСМ бега до избори, план "Б" по лошите анкетни резултати

Стартува стратегијата на СДСМ за бегство од априлските избори. Извори од Бихаќка за Сител потврдуваат дека во партијата владее силна разочараност по најновите анкети кои покажуваат дека опозицијата ја чека нова изборна катастрофа на пролет.

Во такви околности, раководството на Бихаќка подготвило стратегија според која преговорите за составот на ДИК и за законот за медиумите треба да послужат како алиби, Заев во април да не се појави на соочувањето со граѓаните.

Токму затоа, СДСМ според информациите на Сител бара во ДИК покрај двете места кои се резервирани за нивните партиски членови да добие уште дополнителни две места за сметка на независните експерти. Имено, опозицијата барала, двајца од тројцата експерти кои треба да членуваат во ДИК да бидат поддржувачи на политиките на СДСМ, што би му овозможило на Заев целосна контрола врз оваа институција.

Истовремено, преку барањата за воведување на комплетен медиумски мрак во Македонија, СДСМ се надева дека нема да се донесат измените во законот за медиуми за да може поради тоа, да ги бојкотира изборите.

Извори од Бихаќка за Сител велат дека во партијата неодамна пристигнале и интерните анкети кои покажале дека Заев има уште послаб рејтинг од последните мерења а разликата со ВМРО-ДПМНЕ значително се зголемила. Од партијата додаваат дека членството е исклучително деморализирано и чека да поминат изборите за да се избере ново раководство. Токму затоа, според нашиот извор Заев ќе стори се да не се појави пред граѓаните, бидејќи е сосема извесно дека априлските избори ќе бидат дефинитивен крај за неговата политичка кариера.