Македонија
24. August 2017 - 15:07

Продолжува „Супер Скопје“ на две локации во Старата скопска чаршија

Со настапот на Трикс, Гоца Тржан, Цена и Гоце САФ во петок на плоштадот „Скендер бег“ во Старата скопска чаршија продолжува манифестацијата „Супер Скопје“ што почна минатата недела на Кеј „13 Ноември“.

Освен на плоштадот „Скендербег“ претстојниот викенд музички ѕвезди ќе настапат и на просторот пред црквата „Свети Спас“ каде во сабота забавата ќе почне од 21 часот, а ќе настапат Офкестра, Фанки Гуру, Енерџи бенд и Фиц (Студени нозе).

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, кој денеска заедно со угостителите ја најави програмата за викендов, истакна дека настапот на музичарите е на предлог на угостителите.  

- Минатиот викенд започна големата летна забава „Супер Скопје“, со концертите на Сергеј Четковиќ и Бајага и Инструктори на Кеј 13 Ноември. Овие концерти предизвикаа голем интерес кај скопјани и беа проследени од неколку илјади луѓе, со што имаме одлични впечатоци од првиод викенд на „Супер Скопје“. Овој викенд „Супер Скопје“ продолжува во Старата скопска чаршија, на две локации, каде во петок забавата ќе биде на плоштадот „Скендер бег“, додека во сабота ќе биде на просторот пред црквата „Свети Спас“, рече Трајановски.

Претставниците на угостителските објекти изразија благодарност до Градот Скопје за реализацијата на проектот бидејќи со него се подобрува културно-забавната понуда во Скопје и е добра можност да се зголеми бројот на посетители во Старата скопска чаршија.

Проектот „Супер Скопје“ се реализира по иницијатива на сопственици и менаџерите на угостителски објекти од повеќе локации од Скопје. Главен организатор е Конгресниот центар „Александар Македонски“, а за реализацијата се задолжени „Горила Вајлд ентертејмент груп“.

Согласно одлука на Советот на Град Скопје, деновите кога се одржува „Супер Скопје“, работното време на угостителските објекти е продолжен за еден час.