Македонија
21. May 2024 - 16:32

Полиција и куп инспектори влегоа во забавниот парк во Карпош

Приватниот забавен парк пред салата „Борис Трајковски“ ќе биде отстранет. Полицијата заедно со Државниот пазарен инспекторат, УЈП и градежен инспектор од општина Карпош отишле на лице место по допрен глас.

„Од страна на инспекциските служби по преземените мерки и активности и констатираната фактичка состојба изготвени се Записници за констатирана состојба додека од страна на овластен градежен инспектор од Општина Карпош поведена е постапка за констатираните неправилности, по што ке бидат преземени конкретни мерки во насока на отстранување на истите, престанување со вршење на активноста, како и дислоцирање на реквизитите“, информираа од МВР.

Точно на пладне, луна паркот стоеше во целост. Наоколу низ тревникот имаше неколку работници кои зборуваа на српски. Сите не беа расположени да зборуваат. Затекнавме маж кој рече дека заедно со неговата сопруга се дојдени од Нови Сад. Реквизитите од неговото камионче се уште не беа монтирани. Ни кажа дека се договорени со извесен Никола за кого посочи дека е организатор на паркот, ама во моментов не е тука. Планирале да останат еден месец, ама не знаат дали постои дозвола.

„Тоа не знам. Тој ни рече дека има. А не видовме документи. Затоа дојдовме. Дали би дошол јас од толку далеку, царина и сите работи, разбирате...тоа се големи трошоци, големи пари. Првпат соработуваме со него.“

Еден од присутните си побара и пари за да ни каже дали воопшто имаат дозвола да работат овде.

„Дај ми илјада евра и ќе ти раскажам се. Илјада евра плати ми и ќе ти кажам.“

Од Општина Карпош велат дека немаат изадено никакво одобрение од причина што општината нема таква надлежност.

„Очигледно се работи за насилник за кого законските процедури не важат, па според тоа надлежните државни институции треба најостро да го санкционираат, имајќи во предвид дека ги нема потребните одобренија да ја врши оваа дејност на предметната локација. Доколку некој врши дејност без потребни согласности од надлежни локални или државни институции и без соодветна техничка документација, забрана за вршење на дејноста изрекува државниот пазарен инспекторат“, се вели во нивното соопштение.

„Од Градот Скопје пред неколку дена информираа дека насилно се мести панорамско тркало во Карпош. Според информациите од Градот, фирмата која го мести панорамското тркало е регистрирана пред еден месец“

„Град Скопје, во рамки на своите надлежности изврши надзор, превзема мерки и го казни правното лице, но тој сепак НАСИЛНО продожува да работи“, рекоа од Градот и потенцираа дека фирмата нема документација која гарантира безбедност.

Пред околу две недели во Србија се урна рингишпил. Повредени беа 13 деца, од кои едно потешко со сериозни повреди на главата и кичмата.