Македонија
8. March 2016 - 9:23

Продолжува судењето за „Дива населба“

Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да се одржи петтото рочиште за судскиот процес „Дива населба“. Рочиштето требаше да се одржи на 2 март, но беше одложено поради немање услови за одржување на главната расправа во Судот.

Тројца од адвокатите на обвинетите тогаш ја напуштија судницата, поради, како што наведоа, лошите услови во кои се одвива судењето. Адвокатите се казнети со по 1.200 евра поради нарушување на редот во судницата и оневозможување на услови за одржување на главна расправа.

Адвокатите бараа да се исполни основното начело на фер, правично и јавно судење, односно на секој бранител да му се овозможи да седи до обвинетиот што го застапува, присуство на најмалку по еден од роднините на обвинетите, како и присуство на новинарите.

Првите две рочиште за случајот „Дива населба“  во кој се обвинети 29 лица се товарат за тероризам и учество во терористичка организација се одржаа во големата сала Врховниот суд.

Скопскиот Кривичен суд ги демантираше тврдењата на дел од адвокатите во судскиот процес „Дива населба“ дека судот не обезбедува услови за водење на постапката.

- Бидејќи Врховниот суд го одби нашето барање за користење на големата сала на овој суд, главната расправа се одржува во  големата судница на нашиот суд каде се обезбедени сите неопходни услови согласно Законот за кривична постапка за водење на процесот, велат од Судот.

На судењето, како што се наведуваше во соопштението, освен обвинетите и нивните бранители, како и лицата задолжени за спровод и обезбедување, во судницата биле присутни и претставници на мисијата на ОБСЕ и Косовската амбасада.

- Дополнително, заради транспарентно и непристрасно следење и пренесување на случувањата во судницата, судот обезбеди видео-конференција од судењето за медиумите, во библиотеката на судот каде присуствуваа 23 новинари од различни медиуми, како и претставници на Хелсиншкиот комитет и Коалицијата – Сите за правично судење, се додава во соопштението. И покрај ваквата состојба, како што посочија од Кривичниот суд, во судницата биле обезбедени дополнителни 10 до 15 места предвидени за роднините на обвинетите кои побарале присуство како јавност.

На 9 и на 10 мај минатата година во кумановската Дива населба вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени.  Убиени беа и десет лица од вооружената група.