Бизнис
12. July 2015 - 16:50

Пресврт: Сега Грција бара да остане во еврозоната по секоја цена, а Германија не

Привремен, петгодишен излез на Грција од еврозоната. Ова, според извори Брисел, е предлогот на Германија кој би се ефектуирал доколку пропаднат преговорите со кредиторите.

Во таквото сценарио на германскиот министер Шојбле, земјата би требало да се стабилизира со сопствена валута, а може да смета на техничка и хуманитарна помош.

Ваквиот предлог во кој Германија предлага грексит наместо да инисистира на задржување на Грција во еврото, е пресвртен момент во најдраматичниот викенд во историјата на Европската унија.

Вонредниот самит на унијата кој требаше да се одржи попладнево беше откажан во последен момент заради натамошното разидување на позициите на Грција и остатокот од еврозоната. Така, наместо самит на целата унија , преговорите продолжија со министрите на финансии од еврозоната, онаму каде што застанаа вчеравечер, а според изјавите, тоа е се уште далеку од решение.

Главен проблем, според учесници во преговорите, е недостигот на кредибилитет на грчката влада, односно неувереноста дека ќе ги спроведе решенијата што самата ги предлага.

Без договор се стравува дека Грција ќе мора да истапи од заедничката валута што би било голем удар за еврото и ќе значи загазување во непозната територија во европската политика и финансии.

Во различни изјави, министрите од еврозоната се главно скептични дека денеска ќе се постигне договор. Довербата е премногу нарушена за такво нешто, оцени словачкиот министер за финансии.

Потпретседателот на Европскиот парламент, пак, кој е член на Сириза, изјави дека се прави обид да се понижат Грците и да се урне владата на Ципрас. Во меѓувреме, грчкиот министер за економија рече дека без разлика на исходот, банките во земјата ќе останат под режим уште најмалку два месеци за да се спречи огромното излевање на капиталот.