Македонија
19. јуни 2017 - 12:03

Повик за продукција на музички спотови во рамки на „Дотерај го Скопје“

Јавна соба објави повик за продукција на музички спотови за поединци и музички групи кои досега немаат снимено спот за своите песни.

Повикот предвидува до пет авторски бендови или индивидуални автори на музика од Македонија да снимат спотови, како и нивна промоција онлајн, на социјалните мрежи и во живо. Краен рок за пријавување на повикот е 30 јуни 2017.

Музички бендови и поединци кои се автори на музика можат да се приклучат кон  проектот „Дотерај го Скопје“ и да снимат музички спотови. Повикот е достапен на error501.mk/music.

Продукцијата и промоцијата на авторска музика е дел од проектот „Дотерај го Скопје“, кој ќе кулминира  во период 1 - 3 септември со фотографска изложба од сите урбани  интервенции низ Скопје, презентации од страна на урбаните херои кои имаат засадено бршлени низ градот, видео инсталации, гастро перформанси и богата музичка програма и дружење.  Проектот  „Дотерај го Скопје“ се реализира во рамки на кампањата „Мрдни со Прст” и има за цел да влијае на подигнување на граѓанската свест за урбани прашања и поттикнување на граѓански активизам.