Македонија
7. August 2016 - 19:25

Поплавени куќи, превртени автомобили сведочат за катастрофата што ја доживеаа жителите на Економија и Стајковци

Урнати и поплавени куќи, уништени дворови, превртени автомобили, откорнати сообраќајни знаци сведочат за катастрофата што ја доживеаа жителите на скопските села Економија и Стајковци. Граѓаните сами и со помош на државните институции се справуваа со огромните штети кои ги предизвика невремето. Добиваат помош во вода, храна, облека и лекови, но велат дека изгубиле многу повеќе. Со солзи во очите жителите на Економија раскажаа како ја минале ноќта.

Слична слика и во скопско Стајковци. Жителите бараат помош за да ја извадат водата од своите куќи и дворови. Во општинското основно училиште Св. Кирил и Методиј попладнево беше преполно. Преку Црвениот крст граѓаните се снабдуваа со вода и храна, отворени се и прифатни центри за сместување на оние кои немаат каде да ја поминат ноќта.

На терен се уште е армијата, специјалните единици на МВР, екипи на град Скопје и противпожарната бригада. Со хеликотери се пребарува целиот терен и се извлекува надојдената вода. Во следниот период ќе бидат формирани и повеќе од 100 комисии кои на терен ќе ја проценуваат штета, а надлежните апелираат, граѓаните кои имаат потреба од помош да се јават во Центарот за управување со кризи на телефонскиот број 195.