Македонија
26. August 2016 - 20:39

Подготовки за беатификацијата на Мајка Тереза

Манифестацијата  „Денови на св. Мајка Тереза“ ќе се одржи во Скопје од 4. до 11 септември, по повод прогласувањето на Мајка Тереза за светица. Програмата ја најавија и презентираа Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска и Бискупот скопски и апостолски егзарх Киро Стојанов.

Трајановски рече дека Градот Скопје за централното одбележување на 11 септември има одвоено милион денари, а покровител на координативното тело за одбележување на „Денови на св. Мајка Тереза“ е претседателот на Македонија Ѓорге Иванов.

-Голема чест и гордост што Мајка Тереза е родена во Скопје и е наша сограѓанка и што имаме можност да го чествуваме нејзиното дело и да ја шириме хуманоста и љубовта, изјави Коце Трајановски

Според Божиновска  спомен Куќата на Мајка Тереза е прогласена за куќа со најмногу посетитетели во Македонија и дека на 4 септември од страна на папата Франциск нашата сограѓанка Мајка Тереза ќе биде прогласена за светица.

- Во духот на она што го правеше во светот, а тоа беше обединување на љубовта и добрината во едно. Во тој контекст е и програмата од 4 до 11 септември, во која ги обединуваме сите групи. Од најмалите, возрасните, до хуманитарните акции, МАНУ, УКИМ и до сите релевантни организации и институции кои сесрдно влегоа во чествувањето на татковинската прослава за Мајка Тереза, изјави Божиновска

Главниот настан,понтификална света миса ќе се одржи во недела на 11 септември на плоштадот Македонија предводена од специјалниот папски кардинал сараевскиот надбискуп, кардиналот Винко Пулиќ, на која свое обраќање ќе има и покровителот на манифестацијата.

Прогласувањето за светица на Мајка Тереза ќе биде на 4 септември во Ватикан од страна на папата Франциск.