Македонија
23. July 2017 - 14:28

Петроски: Се политизира изградбата на автопатите

ВМРО - ДПМНЕ денеска оцени дека започнатата изградба на патиштата не треба да биде прекината од страна на Владата и посочи дека СДСМ треба да ги исполни дадените ветувања за изградба на 550 километри автопати и 600 километри магистрални патишта. 

Осврнувајќи се на стопирањето на изградбата на автопатите Божидар Петроски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека СДСМ ја политизира изградбата на автопатот Кичево - Охрид не земајќи ја предвид важноста на проектот. 

- Секаде во светот при изградба на големите инфраструктурни проекти, се појавуваат одредени проблеми, но задача на одговорните ресори е да пронајдат решенија за отстранување на тие проблеми и навреме да се довршат овие проекти за кои потребно е многу време да се подготват и да се реализираат. Исто така секој ден одложување на изградбата значи и загуба за економијата и туризмот поради лошата инфраструктурна поврзаност и слабиот проток на возила која постои во моментов, рече Петроски.

Тој посочи дека се проблематизира и пуштањето на автопатот Демир Капија - Смоквица и изградбата на експресниот пат Прилеп - Градско, а прекината е и градбата на автопатот Штип - Миладиновци.