Свет
10. September 2016 - 10:46

Пентагон: САД ќе соработуваат со Русија во Сирија, кога Москва ќе ги исполни обврските

САД ќе почнат воена соработка со Русија во Сирија, откако Москва ќе ги исполни своите обврски, кои ги презеде во Женева, се наведува во кусата писмена изјава на потпаролот на Пентагон, Питер Кук во врска со спогодбата за Сирија, постигната од американскиот државен секретар Џон Кери и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. 

- Спогодбата, постигната на средбата на водечките дипломати, може да гарантира целосен прекин на непријателските активности и намалување на страдањата на сирискиот народ, доколку сето тоа се почитува, рече Кук. 

Тој додаде дека спогодбата би овозможила и да се преземат мерки за олеснување на ситуацијата во Алепо, која тој ја означи како „хуманитарна катастрофа“.

- Постигнатата спогодба сепак бара од Русија и режимот во Дамаск да преземат серија конкретни чекори, вклучувајќи и прекин на огнот во период од најмалку седум дена. Тие обврски треба да бидат реализирани целосно, пред да може да има каква било воена соработка меѓу Моска и Вашингтон во Сирија, додаде Кук.