Македонија
9. December 2017 - 12:10

Пендаровски: Нашите обврски до Самитот на НАТО во 2018 година ќе бидат завршени

 Нашите обврски до следниот Самит во јули 2018 година ќе бидат завршени, но, во процесот за прием на нови членови свое влијание ќе имаат и националните калкулации на останатите 29 земји-членки поради консензуалниот принцип на одлучување.,За разлика од Самиот во Букурешт, вели Стево Пендаровски национален координатор за подготовка на Македонија за членство во НАТО кој изразува надеж дека овојпат ќе биде доминантен колективниот интерес за безбедна Европа.

За тоа што е реално сменето девет години по Самитот на НАТО во Букурешт, Пендровски посочува дека суштински е сменет и надворешниот и внатрешниот амбиент. -- Во меѓувреме, три нови држави од регионот станаа членки на НАТО. ЕУ остана на Балканот само технички, во суштина се пасивизираше поради внатрешните несогласувања за иднината на европскиот проект, а САД, кои по 11-ти септември веќе го имаа препуштено регионалното лидерство на Брисел, се преместија кон Пацификот, подготвувајќи се за битката за глобално лидерство со единствениот реален конкурент - Кина. Тоа остави празен простор за поголемо присуство на Русија на Балканот, но и за самостоен продор на Турција која во регионот почна да се појавува и надвор од својата долгогодишна западна рамка. Во отсуство на ефективен надворешен мониторинг, неколку регионални лидери започнаа со недемократско однесување без да почувствуваат санкции од Брисел, а меѓу нив, за жал, беше и нашиот долгогодишен премиер кој етаблираше школски пример на автократски режим, невиден на овие простори по падот на Милошевиќ. Во овој контекст, не е прецизно ако кажеме дека изјавата на Кери за 'државите на линијата на фронтот', го означи почетокот на американското вмешување во споменатите земји, затоа што кога тој го изговара тоа во американскиот конгрес, кај нас веќе се слушаат 'бомбите' на Заев, Србија ја има истата власт која и тогаш и сега активно соработува во неколку НАТО-програми, Косово никогаш и не било под руско влијание, а во Грузија и Молдавија (кои се споменати во изјавата), во меѓувреме, не е регистрирано побитно американско вмешување, вели Пендровски.    

Во интервјуто истакнува дека пред Букурешт ние навистина имавме политичка стабилност и пристојни меѓуетнички односи заради што и добивме статус на кандидат за ЕУ.-  Иронија на историјата, вели, е дека денес, буквално сите реформски напори на Владата се насочени, всушност, кон доаѓање до нивото кое веќе го имавме достигнато во декември 2005-та.

- Според проценките на НАТО, Македонија во 2008-та ги имаше исполнето критериумите за членство, така што и покрај долгогодишните напори на режимот во спротивната насока, во воено-техничка смисла најбрзо можеме да се вратиме на старите позиции. Меѓутоа, тука сакам посебно да го нагласам влијанието врз развојот на економијата како резултат на членството во НАТО. Сите поранешни комунистички држави кои беа примени во Алијансата забележаа скок во странските директни инвестиции уште во првите две години. Несоборлив факт е дека притоа, не е забележан ниту еден исклучок, почнувајќи од првиот бран во 1997 година, сѐ до најновите членки - Хрватска, Албанија и Црна Гора. Внатрешните реформски напори се битни, поволното регионално опкружување исто така, но, имиџот на земја со предвидлива иднина е незаобиколен фактор при одлуките за движењето на капиталот. Да заклучам: нашите обврски до следниот Самит во јули 2018 година ќе бидат завршени, но, во процесот за прием на нови членови свое влијание ќе имаат и националните калкулации на останатите 29 земји-членки поради консензуалниот принцип на одлучување. Се надевам дека овојпат, за разлика од Букурешт во 2008 година, колективниот интерес за безбедна Европа ќе биде доминантен, вели во интервјуто.

Посочува дека  во последниве три години Македонија никогаш не била политички постабилна со позитивни индикатори за целосно враќање во нормален колосек во 2018-та година. - Фазите на 'Планот 3-6-9' се навистина компримирани, но остварливи. Имено, во првите три месеци се дефинира концептот за реформи во правосудството и во службите за безбедност, за шест месеци се поставуваат нормативните основи за модификација на системите, а во последната третина ќе бидат видливи првичните резултати. Тука морам да го додадам и спорот за името, затоа што е јасно дека станува збор за круцијален предуслов за членство, кој поради историските и емоционални наслаги е и најтежок за решавање. Илузорно е за помалку од една година да очекуваме да видиме заокружен систем на зрела демократија, но, објективно, процесот на обнова на темелно упропастените институции и не може да се одвива побрзо. Накусо, споредено со точката од која тргнавме, Македонија напролет ќе има завидно портфолио, иако во однос на спорот за името, половина од работата нема да зависи од нас, вели во интервју за Дојче веле Стево Пендаровски.

Стево Пендаровски пред десетина дена беше именуван од Владата за национален координатор за подготовка на Македонија за членство во НАТО. Македонија последен пат имаше национален координатор за НАТО во периодот од 2006 до 2009 година, кога на таа функција беше сегашниот министер за надворешни работи, Никола Димитров. Функцијата остана „во мирување“ по неуспехот на Македонија да добие покана за членство на Самитот во Букурешт, во 2008 година