Балкан
3. April 2017 - 21:44

Николиќ го поздрави наследникот на функцијата и најави дека нема да се враќа во СНП

Српскиот претседател Томислав Николиќ му честиташе на својот наследник на функцијата Александар Вучиќ за победата на вчерашните претседателски избори во земјата и соопшти дека нема да се враќа во редовите на Српската напредна партија, пренесе Танјуг.

Во интервју за агенцијата Спутник, Николиќ рече дека изборите минале така како што се надевал, во целосно демократска атмосфера, дека граѓаните покажале сериозност и желба сами да ја избираат својата иднина.

-Бев убеден дека кандидатот на Српската напредна партија ќе победи уште во првиот круг. Одамна не се случило кандидатот на владеачката коалиција да нема речиси никаква конкуренција, рече Николиќ.

Српскиот претседател, чиј мандат завршува на 31 мај, рече дека му ја честитал победата на Вучиќ и „ќе продолжи понатаму“.

На прашањето планира ли некогаш да се врати во Српската напредна партија Николиќ одговори: „Не знам. Мислам не.“

Српската напредна партија беше формирана во 2008 година по отцепувањето од Српската радикална партија од Николиќ и Вучиќ.