Балкан
16. July 2016 - 16:04

Над 200 загинати, над 1000 повредени во неуспешниот воен удар во Турција

Обидот на турската војска за државен удар заврши неуспешно. Над 200 жртви кои во најголем дел се цивили и повеќе од 1000 повредени е билансот од вчерашните пукотници на улиците во Анкара кои до 15 часот ги пренесоа светските медиуми. Во обид да се спротивстават на војниците кои изразија непослушност кон турскиот претседател Ердоган, илјадници граѓани вчеравечер излегоа на улиците на Истанбул и Анкра. Извикувајќи „Рамо до рамо, против државниот удар“, демонстрантите ги блокираа тенковите. Откако утрово беа притворен над 2800 војници, граѓаните ја славеа победата.

Според тврдењата на Ердоган ситуацијата е вратена во под контрола. Тој порача дека владее во Турција благодарение на огромната поддршка од народот, а ударот го извело малцинство во војската кое не можело да го поднесе единството на земјата. Утринава преку социјалните мрежи Ердоган ги повика граѓаните повторно да излезат на улица за да спречат нов удар кој би можел да се случи во секое време.

Државниот удар е чин на предавство, но и „дар од Бога“ затоа што го организираше малцинство внатре во војската кое сега ќе се исчисти. Организаторите ќе платат за тоа што го направија без разлика од која институција се – изјави Ердоган.

Воениот удар почна вчеравечер околу 21 часот по локално време, откако авиони и хеликоптери прелетуваа над главниот турски град Анкара, а блокирани беа и двата најголеми мостови во Истанбул. Воената група упадна и во државната телевизија ТРТ, каде според сведоштвото на спикерката на вестите таа била приморана да го прочита нивното соопштение во кое се вели дека државниот удар е успешен и дека армијата ја превземала дражавата. Тие велат дека државниот удар е со цел да се вратат уставниот ред, човековите права и слободи, владеењето на правото и националната безбедност, за кои сметаат дека се оштетени од страна на Ердоган.   

Ситуацијата во Турција под будно око ја следат и европските и светски лидери, кои застанаа во одбрана на турската власт. Два часа по полноќ Стеј департментот информираше дека американскиот претседател Барак Обама ја следи ситуацијата со големо внимание. Одтаму велат дека преку телефонски разговор Обама и државниот секретар Џон Кери се согласиле дека сите страни во Турција треба да ја поддржат демократски избраната влада на Турција, да демонстрираат воздржаност и да биде избегнато насилството и крвпролевањето.

Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, која во моментов се наоѓа во посета на Монголија, преку Твитер прати порака во која се вели дека таа е во постојан контакт со Делегацијата на ЕУ во Анкара и со Брисел. Могерини повикува за смиреност и почит на демократските институции.

Загриженост за ситуацијата изразија и германската канцеларка Анѓела Меркел, шефот на британската дипломатија Борис Џонсон, генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столденберг.