Свет
13. December 2022 - 8:47

Меѓународна конференција во Париз за помош на Украина

Во Париз денеска треба да се одржи Меѓународна донаторска конференција за мобилизирање помош за Украина и нејзината инфраструктура, уништена од руската војна.

На конференцијата ќе учествуваат околу 70 земји, меѓународни организации и Европската унија.

Целта е да се координира итна помош во областа на енергијата, транспортот, земјоделството и здравствената заштита.

Францускиот претседател Емануел Макрон и украинскиот претседател Володимир Зеленски се согласија за учество на конференцијата, на која се очекува да присуствуваат и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок.

Посебен состанок треба да го постави курсот за учество на францускиот бизнис во обновата на Украина. Се очекува да присуствуваат околу 500 француски компании.