Loading Video...
Свет
18. May 2024 - 16:32

Преглед на вестите од светот

Словачкиот премиер Фицо е во стабилна, но сериозна состојба по неуспешнот атентат во средата. Вчера му била направена уште една операција. Тој е свесен, но лекарите неговата состојба ја опишуваат како „многу сериозна“.

-По кус разговор со медицинскиот персонал и директорот на болницата, можеме да соопштиме дека денешниот утрински (медицински) совет оценил дека здравствената состојба на премиерот е стабилизирана, но сепак се работи за сериозна здравствена состојба и вреди со напомена дека вчерашната операција која траеше два часа придонесе за позитивна прогноза за развој на здравствената состојба на премиерот, вели министерката за здравство, Зузана Долинкова.

Атентаторот, 71-годишниот поет, Јурај Цинтула пред Специјализираниот кривичен суд во градот Пежинк призна вина. Во судот беше спроведен под силно полициско обезбедување. Беше облечен во панцир и носеше заштитен шлем како и припадниците на специјалната единица која го вршеше транспортот.

Цинтула неколкупати го застрела премиерот Фицо, и сега ќе одговара за обид за убиство од одмазда за што словачкото законодавство предвидува казна од 25 години до доживотен затвор. Атентаторот, според истражните органи, не бил припадник на ниту една политичка партија, но учествувал во антивладини протести. Мотивите за обидот за убиство, според тамошниот министер за внатрешни работи, се политички.

13 повредени во судир на патнички и товар воз во Белград. Четворица од повредените се пренесени во Ургентниот центар, но според српските медиуми, никој не е во животозагрижувачка состојба. Останатите се пуштени веднаш на домашно лекување бидејќи немале никакви сериозни повреди. Несреќата се случи во близина на излезот кон Панчевскиот мост.

Според првичните информации, причина за несреќата е човечки фактор. Судирот се случил откако патничкиот воз удрил во задниот дел од товарниот, кој стоел на пругата и чекал дозвола за да го продолжи патувањето.

Хрватска доби нова Влада откако парламентот изгласа доверба на третата влада која ќе ја предводи актуелниот премиер Андреј Пленковиќ од Хрватската демократска заедница. Претседателот и членовите на владата се заложија совесно и чесно да ја извршуваат својата должност, да ги почитуваат Уставот, законите и правниот поредок и да се залагаат за напредок на државата.

Во хрватското собрание беше претставена четиригодишната програма на новата Влада. Пленковиќ најави просечна плата од 1.600 евра, минимална плата од 1.250 евра и отворање на нови 125.000 работни места. Предвиден е инвестициски бум во железничката инфраструктура, но и развојни проекти.