Ракомет
17. јуни 2017 - 16:00

Лазаров: Со победа, прво место и подобар „шешир“

За машката ракометна репрезентација на Македонија останува уште последниот дуел од квалификациите за Европското првенство во Хрватска. Утре во Скопје, Македонија е домаќин на Чешка. Со оптимизам во пресврт на дуелот со ривалот со кој играме често последните години капитенот Кирил Лазаров изјави:
- Атмосферата е добра во репрезентацијата. Некој на почетокот да ни ја понудеше оваа ситуација ќе ја прифатевме со две раце. Сега со победа и со еден гол разлика ќе бидеме први во групата и што е исто така важно ќе бидеме и во подобар „шешир“ за групите на Европското првенство во Хрватска. Имаме сили и имаме доволно мотиви да победиме особено што веќе имаме доволно видео материјали за утрешниот противник.
На чело на табелата е Чешка со 6 бодови, Македонија и Украина имаат по 5, а последен е Исланд со 4. Дуелот Македонија – Чешка се игра утре со почеток во 20:45 часот во ВИП Арена во СЦ „Борис Трајковски“, а во исто време играат и Исланд – Украина. 
Билетите за натпреварот Македонија – Чешка се продадени и се очекува македонските ракометари да имаат максимална поддршка од трибините.