Македонија
2. December 2015 - 12:53

Јолевски засади дрвца во кругот на Воено медицинскиот центар во Скопје

Министерот за одбрана Зоран Јолевски, заедно со началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски и воени аташеа, денеска во рамки на акцијата „Денот на дрвото“ засади дрвца во кругот на Воено медицинскиот центар во Скопје. 

- Овие дрвца ги садиме за иднината на нашите деца и за Република Македонија. Многу е битно што оваа активност продолжува и тоа во сите градови во земјава, изјави министерот Јолевски.

Како што информира Весна Зарезанкова, координатор на граѓанското здружение „Ден на дрвото“, годинава под мотото „Засади успех“ ќе бидат засадени три милиони садници на површина од 930 хектари. Во акцијата ќе бидат засадени и три илјади аризонски чемпреси покрај автопатиштата, седум илјади леандри се засадуваат на потегот Смоквица-Гевгелија и 67 илјади дрвца се одвоени за пошумување на повеќе локации во општините.

- Видот на садниците за оваа акција се автохтони, произведени во ЈП „Македонски шуми“ и се дел зимзелени, дел листопадни. Успехот во изминатите седум години изнесува 60 проценти зафатеност на сите садници, што е највисок просек во Европа, изјави Зарезанкова. 

Според неа, сите садници годинава за „Денот на дрвото“ се донација од ЈП „Македонски шуми“, а како што рече, бројот ги задоволува нивните можности за да ги произведат на сопствените локации.