Македонија
27. јуни 2016 - 19:11

Јавна седница во Апелација по жалбата на битолскиот градоначалник

Специјалното јавно обвинителство без никако образложение и докази бара притвор за битолскиот градоначалник Владимир Талевски.

На денешната јавна седница во Апелација, неговата одбрана побара укинување на домашниот притвор, бидејќи тие досега немаат видено ниту еден доказ за основано сомневање дека во овој случај е сторено кривично дело.

Адвокатите на Талевски обвинија дека Специјалното обвинителство на судот му доставило 6 кутии со наводни докази, но откако завршил распитот и битолскиот градоначалник ја напуштил зградата, а тие за ова дознале од натписи во медиумите.

Сметаат дека тимот на Јанева спроведува политички реваншизам и во недостаток на докази на прес конференциите, грубо ја прекршуваат презумпцијата на невиност.

Одбраната потенцираше дека Талевски за овој случај повеќе од една година соработува со  Јавното обвинителство во Битола кое ја поседува целата документација, а специјалните обвинители случајот го превземале со речиси завршена истрага.

Специјалните обвинители пак сметаат дека Кривичниот совет донел правилна одлука кога на Талевски му била одредена мерка домашен притвор.

Потврдија дека на одбраната и ги немаат дадено доказите бидејќи нивната истрага е во тек.

Специјалното обвинителство се уште го нема испитано ниту Талевски кој е првоосомничен во нивниот случај „Транспортер“.

Во оваа фаза од постапката СЈО смета дека битолскиот градоначалник може да влијае врз сведоците. Талевски е во домашен притвор веќе една недела, а одлуката  на Апелација дали тој ќе се брани од слобода или не, ќе биде позната за неколку дена.