Фудбал
10. September 2016 - 23:04

Извонредниот Ливерпул го торпедира Лестер

Ливерпул го декласира актуелниот шампион Лестер, Арсенал во судиското надополнување стигна до триумф над Саутемптон, Вотфорд со пресврт славеше над Вест Хем во Лондон, Тотенхем во Стоук запиша убедлив триумф. Во останатите мечеви од четвртото коло Кристал Палас победи кај Мидлзброу, Борнмут минимално победи против ВБА, а  Барнли и Хал ремизираа.

Ливерпул одигра одличен меч и на бранителот на титулата Лестер му го нанесе вториот пораз од стартот на сезоната. Триумфот го најавија Фирмино и Мане со головите во првите 30 минути, Варди подарокот на Лукас Леива го претвори во гол за 2-1 по првиот дел. Во второто полувреме Лалана и Фирмино со својот втор гол го потврдија триумфот на „црвените“.

Тотенхем убедливо славеше на „Британија“ стадионот во Стоук, а домаќинот го скрши Јужнокореецот Сон со два гола постигнати во финишот на првото и почетокот на второто полувреме. Триумфот од 4-0 го комплетираа Деле Али и Кејн.

Славен Билиќ имаше одлична сезона со Вест Хем, но во новата неговиот тим игра тешко и се чини дека хрватскиот тренер ги потроши сите кредити. Вест Хем против Вотфорд водеше 2-0, со головите на Антонио, но потоа Игало и Дини израмнија, а Капуе и Холебас погодија за триумф на Вотфорд.

Арсенал против Саутемптон победи со голот на Казорла од пенал во 92.минута. Претходно Чех си постигна авто гол, а Кошчелни со ножички израмни.

Најскапото засилување во историјата на Кристал Палас, Кристијан Бентеке постигна гол во победата од 2-1 кај Мидлзброу, Вилсон го постигна единствениот гол на натпреварот Борнмут-ВБА, а Хал преку Снодграс во 95.минута стигна до бод против Барнли.