Ракомет
25. January 2018 - 18:18

ЕП - Хрватска 2018: Полуфиналистите на „дуел“ со новинарите

На Европското првенство во ракомет во Хрватска остана да се одигра уште „завршниот викенд“ односно последните пет натпревари.  Утре први на теренот во „Арена Загреб“ ќе истрчаат ракометарите на Хрватска и на Чешка во дуелот за 5.место, а потоа се полуфиналните дуели.
Во 18 часот е дуелот Франција – Шпанија. Светскиот првак Франција ќе го игра своето шесто полуфинале, а има скор од три победи и два пораза, додека Шпанија ќе го игра осмото полуфинале на ЕП, а има скор (4-3). Франција има три европски титули, а Шпанија ниту една.
- Полуфиналето беше нашата цел, иако не бевме сигурни дека ќе стигнеме до тука. Натпреварот против Норвешка на почетокот беше од клучно значење, таа победа ни донесе многу самодоверба, од тој момент „моторот почна да работи“ и сега е многу забавно, изјави Никола Карабатиќ.
Шпанија дури во последниот дуел против Германија го обезбеди полуфиналето воедно тоа беше „мал“ реванш за поразот во финалето на претходното ЕП во Полска.
- Најважно е стигнавме до полуфиналето. Многу сме среќни, сите сонуваме да играме во финалето и да станеме европски прваци. Мора да покажеме се што имаме, бидејќи францускиот тим игра многу моќно, изјави пикерот на Шпанија Жулиен Агинагалде.
Второто полуфинале ќе биде „скандинавска пресметка“ Данска – Шведска со почеток утре во 20:30 часот.
- Ние сме комплетно задоволни од тоа што го одигравме на турнирот, со исклучок на дуелот со Чешка, што за нас беше изненадувачки. Ќе биде тоа тежок дуел против Шведска, но очекувам да го најдеме решението за победа, изјави Мадс Ларсен Менсах од Данска.
Шведска последна избори полуфинале, откако домаќинот Хрватска загуби од Франција.
- Најпрвин бевме лути сами на себе, дека загубивме од Норвешка, но поразот од три разлика беше доволен да бидеме во игра. Го следевме дуелот Франција – Хрватска и по првиот дел се виде дека Французите навистина сакаат победа. Данска е одличен тим, последните години се секогаш при врвот, нема што да загубиме ќе одиме да се надигруваме, изјави репрезентативецот на Шведска Хампус Ван.
Данска го игра своето осмо полуфинале и има три победи и четири порази, додека Шведска има најдобар биланс во полуфиналните мечеви 4-1 (победи-порази). Шведска е најуспешната селекција со четири европски титули, а Данска има две.