Кошарка
4. August 2016 - 11:26

ЕП - Б дивизија (У-18): Македонија убедлива против Кипар

Македонската кошаркарска репрезентација за играчи до 18 години синоќа ја оствари втората победа на Европското првенство Б дивизија што се одржува во Скопје. Совладана беше убедливо селекцијата на Кипар со 82:54 (20:13; 17:9; 16:11 и 29:21). Со оваа победа македонските кошаркари го обезбедија 4.место во групата А и ќе разигруваат за пласман од 9 до 16.место. Утре противник ќе им биде Белорусија. Натпреварот се игра во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18:45 часот.
Нашите кошаркари водство го имаа во текот на целиот натпревар, а во финишот на дуелот имаа позитива од 33 поени (82:49) што беше највисока предност. За разлика од претходните натпревари шутот од игра на македонските играчи беше подобар од ривалот (Македонија 45%, Кипар 28%).
Најдобар поединец на дуелот беше капитенот на Македонија Ненад Димитријевиќ кој имаше „трипл – дабл“ учинок: 23 поени и по 10 скокови и асистенции.
Првото место во групата А го освои Унгарија, која ја победи Бугарија со 71:70, а во тек е дуелот Полска – Република Ирска.
Денеска е слободен ден на шампионатот.