Loading Video...
Свет
11. May 2024 - 16:30

Преглед на вестите од светот

АВТОБУС ИЗЛЕТА ВО РЕКА ВО САНКТ ПЕТЕРБУРГ, СЕДУМ ЗАГИНАТИ

Седум лица загинаа откако патнички автобус падна во река во Санкт Петербург. На видеото се гледа како автобусот нагло врти пред да пропадне низ оградата на мостот, паѓа во реката и речиси целосно тоне во вода. Според информациите, во автобусот имало околу 20 лица. Возачот е веќе приведен и сослушан како осомничен.

Како што пренесуваат медиумите, автобусот е на компанија која  за две години е е казнета 23 пати за прекршоци.

ТЕШКА НЕСРЕЌА ВО АРГЕНТИНА: НАЈМАЛКУ 90 ЛИЦА СЕ ПОВРЕДЕНИ ВО СУДИР НА ВОЗ И ЛОКОМОТИВА

Најмалку 90 лица се повредени кога патнички воз се судрил со локомотива и празен вагон во главниот град на Аргентина, Буенос Аирес.

Иако официјално сè уште не е познато зошто празниот вагон бил на пругата, Aргентинскиот железнички синдикат соопшти дека од железницата е украден неколку метри бакарен кабел што се користи за пренос на струја по пругата, што го оневозможува сигналниот систем наменет да спречи такви несреќи.

ОБИЛНИ ПОПЛАВИ ВО АВГАНИСТАН, НАД 150 МРТВИ

Над 150 лица загинаа, а голем број се повредени во обилните поплави во Авганистан. Владата нареди мобилизирање на сите расположливи ресурси за спасување на луѓе, транспорт на повредени и извлекување на телата на загинатите. Обезбедени се шатори, ќебиња и храна за оние кои останаа без покрив над главата.

„Дождот почна силно и половина час подоцна почна да доаѓа поплавата. Таа однесе шест деца, една жена и други работи од луѓето, автомобил, теписи и други домашни предмети на луѓето“ – жител

Авганистан беше погоден од поплави и во април, кога загинаа 70 луѓе, а беа оштетени над 2 илјади домови, но и џамии и училишта.

ХАОС ВО ЕРМЕНИЈА: ДЕМОНСТРАНТИ БЛОКИРАА УЛИЦА, ПОЛИЦИЈАТА ПОЧНА МАСОВНО ДА АПСИ

Ерменската полиција приведе 50 демонстранти кои го блокираа патот во близина на централната железничка станица. Полицајците им дадоа три минути на протестирачите да ја деблокираат улицата, по што почнаа да ги апсат.

Слични акции има и во други области на главниот град.

Од четвртокот, се одржуваат собири на кои се бара оставка од премиерот Никол Пашинјан, како и крај на процесот на демаркација со Азербејџан и префрлање на дел од пограничната територија до Баку.