Македонија
28. September 2016 - 14:51

Доделени 20 стипендии „Борис Трајковски“ за мастер студии на Шефилд универзитетот

На 20 млади лица избрани на конкурс денска им беа врачени стипендии „Борис Трајковски“ за мастер студии на СИТИ Колеџот од Солун, Меѓународен факултет во состав на Универзитетот Шефилд од Велика Британија, за академската 2016/2017 година.

Претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој денеска ги додели стипендиите, истакна дека нема поисплатлива инвестиција од квалитетно образование насочено кон градење лидери за сегашноста и за иднината, а на Република Македонија, додаде, ѝ се потребни лидери во областа на бизнис-администрацијата, менаџментот, маркетингот и финансиите.

- Многумина се пријавија на овој конкурс. Но, малкумина беа избрани. Вие сте најдобрите од најдобрите. Инвестираме во вас со цврсто уверување дека ќе бидете добри претприемачи и менаџери, со успешна кариера, но и со одговорност кон општеството. Вашите идни успеси ќе бидат и успех на Република Македонија, рече Иванов.

Посакувајќи им успех, тој на стипендистите им порача дека во наредниот период, тие ќе бидат слика на македонското општество во соседна Грција.

- Вие ѝ припаѓате на генерацијата што ќе ги гради новите односи меѓу двете општества, економии и држави. Затоа, стекнувајте и нови знаења, но и нови пријатели, нови вештини, но и нови можности за градење доверба меѓу нашите две соседни држави, истакна Иванов.

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски посакувајќи им успех на стипендистите истакна дека досегашното искуство со македонските студенти, кои веќе студирале пред нив на оваа програма, покажува дека времето поминато во една ваква интернационална образовна средина, дава нова перспектива кон современиот бизнис свет. 

- Знам дека и Вие ќе се опремите со квалитетно теоретско знаење, но и вештини кои се неопходни за напредок во вашето деловно опкружување. А тој личен просперитет, ќе значи и просперитет за организациите од кои сте дел, но и воопшто за државата. Запомнете дека Вие и вашето знаење сте и секогаш треба да останете сојузници на сопствената земја, на патот кон заедничкиот успех, рече Ристовски.

Директорот на СИТИ Колеџот од Солун во состав на Универзитетот Шефилд, Јоанис Верверидис истакна дека за стипендистите студирањето на Шефилд универзитетот е уникатна можност бидејќи тој е еден од 100 најдобри универзитети во светот со пет добитници на Нобеловата награда и на кој предаваат врвни професори.

- На речиси 200 луѓе досега им е доделена оваа стипендија во изминатите години. Денес тие се дел од просперитетната Шефилд заедница во Македонија од околу 1.000 алумни. Сите тие извлекоа корист во голема мера и значително се надградија. Извршуваат многу важни функции. Некои од нив се министри, директори претприемачи..., но најважно од се сите придонесуваат со својот капацитет и работа за развојот на општеството, економијата, земјата, регионот, рече Верверидис.

Стипендиите „Борис Трајковски“ се доделуваат секоја година врз основа на протокол за соработка со „СИТИ Колеџот“ од Солун. На избраните кандидати од страна на Министерството за образование и наука на Република Македонија и самиот колеџ во сооднос од 50 проценти, целосно им се покриени трошоците за школарина, кои изнесуваат речиси 15.000 евра. Стипендијата, која годинава се доделува по седми пат покрива двегодишни вонредни студии од втор циклус на Извршната програма за бизнис и администрација.