Македонија
27. July 2016 - 17:48

До 26 август предлози за ново име на плоштадот во Кавадарци

Се бара ново име за плоштадот во Кавадарци. Кавадаречкиот градоначалник Александар Панов објави повик граѓаните да даваат свои предлози до 26 август. Предлозите стигнати во општината ќе се селектираат и ќе следи законска постапка за промена на сегашното име „Маршал Тито“.

- Преименувањето на улиците и плоштадите во општината е моја програмска определба која доби зелено светло и од Советот на Општината. Советот пред неколку години изгласа одлука, со која се усвои листа на имиња на заслужни граѓани од Кавадарци, кои со своето дело оставиле траен белег во историјата на градот, стои во образложението од градоначалникот.

Тој денеска потсети дека врз основа на таа одлука беа извршени промени на имињата на повеќе улици и булевари, а се даде име и на градскиот парк. Затоа,  смета дека во овој период биле созреани условите за промена на името на градскиот плоштад. 

Според неговото убедување, Кавадарци и неговите граѓани заслужуваат плоштад чие име ќе го одразува духот на поднебјето и ќе потекнува од корените на славната кавадаречка историја.

- Овој потег во никој случај не е негирање на нашата поблиска историја и периодот после НОБ.  Напротив, мојата одлука е мотивирана од длабоки патриотски причини, а во духот на времето во кое живееме. Целта е јасна, да бидеме свои на своето и да ги почитуваме и величаме нашите кавадаречки, тиквешки и македонски корени, рече  градоначалникот Панов.