Тенис
21. August 2017 - 19:47

Димитров со триумфот во Синсинати се врати во Топ 10

Победникот на Мастерсот во Синсинати Григор Димитров се проби на деветтото место, а во ТОП 10 скок има и Александер Зверев, кој е сега шести. Пад забележаа ланскиот победник на Синсинати Марин Чилиќ и Кеи Нишикори.

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал од денеска повторно е најдобар светски тенисер откако успеа да го мине Енди Мареј на врвот на АТП листата.

Надал на Мастерсот во Синсинати, беше елиминиран во четвртфиналето, но сепак освои доволно поени за да биде тенисер број 1.

Тој последен пат на оваа позиција беше на 6.јули 2014 година.

Во 2017 година Надал има скор од 49 победи и 9 порази и ова за него е 141. недела на врвот на АТП листата.

Македонскиот тенисер со најдобар пласман Томислав Јотовски напредуваше пет места на новата ранг листа на АТП и сега се наоѓа на 579-та позиција со 52 поена.

Тој изминативе две недели немаше настапи на турнири по серијата од пет фјучрси во Грузија (три) и во Македонија (два), каде ја постигна и првата турнирска победа во Телави.

Јотовски оваа недела се враќа со настап на турнирите и ќе биде дел од фјучрсот во Суботица. Инаку, тој пред три години на турнирот во Суботица беше финалист.

Од другите македонски тенисери Горазд Србљак се наоѓа на 1.207 место со 6 поени, Димитар Грабул е на 1.558 место со 2 поена, а Бесир Дургути е на 1.945 место со 1 поен.