Македонија
5. December 2016 - 11:40

Анкета „Павел Шатев“: За ВМРО-ДПМНЕ 27,8 отсто, за СДСМ 16,2

Најголема поддршка од граѓаните за претстојните парламентарни избори има ВМРО-ДПМНЕ со 27,8 проценти по што следува СДСМ со 16,2 проценти, ДУИ со 4,8, БЕСА со 3,2, ДПА со 2,3, Алијанса за Албанците со 1,5, Левица со 0,9 и Коалицијата ВМРО за Македонија со 0,5 проценти, покажува анкетата на Институтот „Павел Шатев“ спроведена во периодот од 30 ноември до 2 декември.

Според резултатите од телефонската анкета, најголем број од испитаниците, односно 28,9 проценти се изјасниле дека нема да гласаат, а 13,9 проценти рекле дека не знаат за кого ќе гласаат.

 

На прашањето на кој политичар најмногу му веруваат, најголем дел од испитаниците или 28,3 проценти се изјасниле за Никола Груевски, а 10,7 проценти за Зоран Заев. Од вкупниот број испитаници, 26,1 проценти рекле дека не му веруваат на ниту еден политичар, а 23,2 проценти дека не знаат на кого му веруваат. Од албанските партии најголема поддршка има Али Ахмети со 4,7 проценти, по што следува Мендух Тачи со 1,9 проценти, Билал Касими од БЕСА со 1,8 проценти и Зијадин Села од Алијанса за Албанците со 1,5 проценти.

Без испитаниците Албанци, најголем дел од останатите, односно 50,4 проценти за премиер би го избрале Никола Груевски, а 14,1 процент за Зоран Заев. Со „не знам“ одговориле 35,5 проценти.

Подобра изборна програма според испитаниците има ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ, а на прашањето дали би ја поддржале идејата за двојазичност на целата територија на државата со „не“ одговориле 93,5 проценти, а потврдно само 4,9 проценти. Најголем дел од испитаниците или 93,1 процент не би поддржале партија која се залага за концептот на двојазичност и нов рамковен договор.

Со анкетата се опфатени 1.090 испитаници, а истражувањето е спроведено на ниво на државата, односно опфатени се сите шест изборни единици.