Македонија
26. May 2017 - 16:35

Амбасадарката Дивја-Томиќ на отчет во МНР за присуството на српски дипломат во Собранието за време на насилните протести

Српската амбасадорка во земјава Душанка Дивјак-Томиќ денеска беше повикана во македонското МНР да го објасни присуството на Горан Живаљевиќ, советник во Амбасадата на Република Србија, и припадник на српската разузнавачка агенција БИА како дел од толпата на луѓе кои влегоа во Собранието на 27 април.

На средбата е изразено незадоволство и загриженост поради недозволеното присуство на акредитиран дипломат во македонското Собранието за време на насилните настани и е побарано детално појаснување на причините и околностите за истото.

-Притоа, беше укажано дека ваквата активност на посоченото лице не придонесува за јакнење на меѓусебната доверба како и унапредување на добрососедските односи и соработка, за што двете земји се залагаат. Воедно, беше изразено очекување дека во натамошна меѓусебна комуникација на надлежните органи на двете држави ќе бидат разјаснети и утврдени сите околности на случајот и следствено ќе бидат преземени соодветни активности, во согласност со законите и меѓународното право. 

На денешната средба не е побарано повлекување на советникот Живаљевиќ.

Ставовите и појаснувањата на српската амбасадорка, според соопштението на МНР биле на на линија на неодамнешните изјави на премиерот Вучиќ и шефот на дипломатијата Дачиќ. Томиќ не сакаше да коментира што рекла во министерството.

Токму, нотирање на евентуалното учество на српски навивачи и екстремисти, според синоќешното објаснување од министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ била причината за присуството на Живаљевиќ во Собранието.

На ист став беше и новоизбраниот српски Претседател и актуелен Премиер Александар Вучиќ.