Македонија
7. September 2016 - 16:10

20-тина македонски туристи се вратија дома по сударот на нивниот автобус во Турција

Дваесетина македонски туристи кои беа дел од несреќата кај Едрене се враќаат дома, вели за Сител македонскиот конзул во Анкара.

Дел од нив пристигнуваат во Македонија со организиран автобуски превоз, додека дел со приватни автомобили на свои роднини.

Според информациите три лица се задржани во болница, од кои двајца според првичните сознанија вечерва ќе бидат пуштени.

Жената на која ѝ била направена операција сеуште е во шок соба но во стабилна состојба.

Во трагичната несреќа загина 45 годишен македонски државјанин, 40-тина беа повредени, а возачот на автобусот заврши во притвор.

Турските власти продолжуваат со истрагата, со цел да се утврдат точните причини за судирот меѓу автобусот и камионот.

Првичните информации кои беа објавени во турските медиуми велат дека во текот на вчерашниот ден возачот на автобусот дал изјава во полиција по што е задржан во притвор, каде ќе остане до судењето.

Медиумите во Турција велат дека по увидот е утврдено дека тој е виновник за несреќата, односно дека возел над дозволената брзина.