Македонија
3. May 2024 - 16:37

Македонија на 36-то место на индексот за слобода на медиумите за 2024 година на „Репортери без граница“

Македонија е рангирана на 36 место според Индексот на слобода на медиумите на „Репортери без граница“ или две места повисоко во споредба со лани.Според листата ова е најдобра оценка во споредба со земјите во регионот, а состојбата со слободата на медиумите е задоволителна. Сепак нотирано е дека најголем проблем остануваат дезинформациите.

Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Понатаму, владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите, се наведува во извештајот.

Според Репортери без граници, телевизијата останува доминантен извор на информации, но и онлајн медиумите играат важна улога. Во извештајот за Македонија се наведува дека иако Уставот ја гарантира слободата на говорот и забранува цензура, земјата бавно го усогласува законодавството за медиумите со стандардите на ЕУ. Новинарите често се мета на вербални напади, под изговор за заштита на државните тајни и личните податоци, тие можат да бидат изложени на судски притисок и произволни правни постапки, стои во извештајот.

На денот на слободата на медиумите, американската амабасадорка Агелер порачува дека медиумите имаат клучна улога, особено сега во изборниот процес.                                         

„Денес е  Светски ден на слободата на печатот, а изборите ја истакнуваат клучната улога што медиумите треба и мора да ја играат во текот на процесот. Слободен и жив печат кој ги испитува фактите, соопштува идеи и предлози до јавноста и ги притиска официјалните лица да ја објаснат својата позиција за прашања кои се важни за животите на граѓаните и одредување на текот на државата“, амбасадорката Агелер.

Состојбата е оценета како задоволителна и во Црна Гора, но тешка во Албанија и Србија, а најлоша оцена добија Косово, Бугарија и БиХ каде состојбата е проблематична.