Македонија
10. May 2017 - 9:36

Зоран Јакимоски, добитник на наградата „Јован Котески“ за 2017

Зоран Јакимоски со поетскиот ракопис „Бришан простор“ е добитник на наградата „Јован Котески“ за необјавена поетска книга за 2017 година. Наградата седми пат ја доделуваат Културниот центар „Бран“ и Ревијата за книжевност „Бранувања“ од Струга.

По објавениот конкурс што го распиша Културниот центар „Бран“ од Струга и Ревијата за книжевност „Бранувања“, жирито за доделување на наградата „Јован Котески“ за 2017 година - Зоран Пејковски-претседател, Христо Петрески и Марина Мијаковска-членови, откако ги разгледало поетските ракописи, едногласно одлучило и наградата ја доделило на стихозбирката „Бришан простор“ од Зоран Јакимоски. 

- Се работи за строго заокружена лирска целина, плод на внатрешен, емотивен, но и општочовечки конфликт. Стиховите се во знакот на силните бои, мириси и вкусови, кои ги поврзуваат минатото, сегашноста и иднината во духот на современите поетски трендови. Преплетот на личното и колективното, состојбите и настаните, е на потврдено уметничко рамниште и претставува збогатување на современата македонска поезија, соопшти Ревијата за книжевност „Бранувања“.

Зоран Јакимоски (1968) Велестово, Охрид. Студирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Автор е на седум книги поезија: „Граматика на поривот“ (КММ, 1994), „Совршен молк“ (Студентски збор, 2001), „Зборот неизречен“ (Манифестација Поетска ноќ во Велестово, 2004), „Морето се мурти“ (библиотека Григор Прличев-Охрид, 2010), „Влажна месечина“ (Макавеј, 2010), „Ништо не е недостижно“ (ПНВ Публикации, 2014) и „Задачите се зададени“ (ПНВ Публикации, 2017).

Негови песни се препеани на англиски, полски, украински, бугарски, хрватски, романски итн., а самиот препејува од бугарски и хрватски на македонски јазик. Застапуван е во повеќе избори и антологии објавени во Македонија и во странство. Носител е на повеќе награди (наградата на Млада Струга за 1995 г. и др.), а освен поезија во периодиката објавува и критика. Член е на ДПМ од 2012 година. 

Досегашни добитници на наградата „Јован Котески“ се Трајче Кацаров, Санде Стојчески, Витомир Долински, Христо Петрески, Марина Мијаковска и Зоран Пејковски.

Наградата на Зоран Јакимоски ќе му биде врачена на 7 јули во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга за време на одржувањето на меѓународната манифестација „Струшки книжевни средби“-2017.