Македонија
25. September 2018 - 17:49

Жерновски до Иванов – размислете со каков говор ќе настапите во ОН

Делегација составена од претседателот Георге Иванов и заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, деновиве учествуваат во 73-та сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Иако, се во иста делегација Жерновски се пожали дека бил игнориран од Иванов.

На својот Фејсбук профил тој укажа дека вчера во салата на Генералното собрание седеле на иста маса со Претседателот, но не размениле ниту еден збор. Иванов во четврток ќе настапи со свој говор пред ГС на ОН.

- Претседателе Иванов, македонската иднина е наша заедничка одговорност. Вчера седевме заедно, еден до друг, во Генералната асамблеја на ОН во Њујорк. (Не)очекувано, не разменивме ниту еден збор. Знаеме зошто - иако седиме под исто знаме, ние имаме спротив(ставе)ни гледишта за клучното прашање што ја детерминира иднината на нашата земја, наведува Жерновски.

Тој додава дека седеле на маса со табличка на која пишува  „Бивша југословенска Република Македонија“ и дека Иванов не е во право што повикува на бојкот на референдумот.

- Тоа е вистината, Претседателе, која Вие намерно и свесно ја премолчувате. Затоа, морам јавно да Ве прашам: ова ли е името кое го браните? Ова ли е името кое сакате да ни го сочувате? И двајцата многу добро знаеме дека со бојкотиран референдум, ние за светот и во наредните децении ќе бидеме “поранешни југословени” кои чекаат пред затворените врати на ЕУ и НАТО, укажа Жерновски.

Тој го повика претседателот да размисли како ќе се обрати во ОН.

- Зарем немаме сила да му покажеме на светот дека Македонија секогаш мора да настапи во ист дрес, особено надвор. Нашите граѓани, нашите деца очекуваат да им обезбедиме сигурна иднина, а тоа претставува наша заедничка одговорност, стои на фб статсусот на Жерновски.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, Жерновски утре има работна вечера со високота преставничка за надвореша политика на ЕУ, Федерика Могерини, и со шефовите на држави од Западен Балкан. Претходно ќе има и средба и со Метју Ниумиц, медијаторот на ОН во процесот за решавање на спорот за името.