Рокас: Политичките сили да се обединат за донесување на уставните измени
Сите политички чинители да се обединат околу уставните измени за да се направи исчекор кон полноправно членство во ЕУ. Ова денеска го порача евроамбасадорот Рокас при предавање на извештајот за напредокот на државата на министерот за европски прашања. Прашан дали за Европската унија е прифатливо уставни измени со одложено дејство, Рокас рече дека нема да коментира претпоставки. Застана на иста линија со претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен, па ја цитираше и нејзината изјава.
„Знаеме дека се работи за уставните измени коишто вашата земја се обврза да ги спроведе. Сега потребни ни се заеднички напори, соработка и дијалог и се надевам дека сите политички страни во земјата ќе се обединат и ќе го преземат овој решителен чекор нанапред“ и потоа продолжи дека е уверена исто како што кажа и премиерот дека може да ги надминеме пречките коишто се се уште таму и коишто се уште таму постојат. Толку имам да кажам“, рече Рокас.
Рокас негираше дека истакнувањето на договорот од Преспа и тој со Бугарија уште на почеток на извештајот се заради нивно непочитување. Документот така бил напишан за полесно да се чита, но и сите да ги фокусира на суштинските елементи. Такви, Рокас потсетува дека се регионалната и сосетска соработка.
„Не постои друга причина, се работи само за тоа сите да се фокусираат на суштинските елементи каде што ние ги даваме препораките за да може полесно да се чита и потоа сите да преминат на другите страници за да видат што всушност сме анализирале. Секако, не треба да се каже дека добрососедските односи, регионалната соработка остануваат како суштински елемент од процесот на проширувањето“
Министерот за европски прашања смета дека извештајот е потврда за посветеноста за членство во Европската унија. Документот го гледа како поттик за Владата, Собранието и администрациајта да ја засилат динамиката на реформи..
„Ова покажува дека и покрај сите предизвици со кои се соочуваме, особено ако се има предвид дека во периодот кој се опфаќа со Извештајот имаше три Влади, сепак може да констатираме дека имаме стабилен континуитет во вкупната подготвеност на земјата, што е потврда дека остануваме на стратешката определба за членство во ЕУ и треба да биде поттик повеќе за сите нас да ги испорачаме потребните реформи“, вели Орхан Муртезани, Министер за европски прашања.
Анализирајќи го извештајот, ЕУ амбасадорот забележува напредок во борбата со организираниот криминал и подобрување кај првосудството. Според Рокас, државата има високо ниво на амбиција за почеток на пристапните преговори за членство во Европската унија.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар